Ако сакаме да живееме во чиста животна средина, тогаш треба сите да бидеме подготвени да го дадеме својот придонес. Пример за тоа дека ваквата стратегија навистина функционира се повратните вендинг машини (ПВМ) на Пакомак, кои обезбедуваат двојна придобивка – ем отпадот завршува онаму каде што треба наместо на улица, ем корисникот има ќар од неговата активност.
Во текот на 2025 година граѓаните одложиле дури 18 милиони парчиња амбалажен отпад преку Повратните вендинг машини на Пакомак, што претворено во парична вредност изнесува цели 9 милиони денари – средства кои Пакомак ги врати назад кон граѓаните во вид на „зелени поени“ преку апликацијата ЕкоМак.
Ова се средства кои компанијата од сопствениот буџет во форма на „зелени поени“ ги пренасочува кон граѓаните како вид на стимулација за еко одговорното однесување, односно за правилно одложување на амбалажен отпад во Повратните вендинг машини. Ваквите машини се поврзани преку системот на Пакомак и апликацијата ЕкоМак ја евидентира секоја активност на корисникот, наградувајќи го соодветно за отпадот кој го одложува. Откако ќе ги добие поените, корисникот може да одбере како ќе ги потроши преку понудените опции во апликацијата ЕкоМак: дали како попуст во некој од локалните маркети, за плаќање на комунални трошоци, за донации и слично…
И додека можеби за некои граѓани вредноста од 0,5 денари за пластично шише е мала, тоа што го враќа Пакомак е речиси двојно повеќе од моменталната пазарна вредност, која е околу 0,26 денари по шише. Од Пакомак велат дека иако цената на овој материјал секој месец постојано оди надолу, тие се трудат вредноста на зелениот поен кој го добиваат еко одговорните граѓани да остане иста.
Уште откако беше воведен ваквиот систем на селективно одложување на отпадот од страна на Пакомак и Амбасадата на Швајцарија, ПВМ забележуваат постојан раст на корисниците, а ефектот од нив може да се забележи и на терен. Сѐ помалку парчиња амбалажен отпад завршуваат во обичните контејнери и потоа на депонија, а сѐ повеќе парчиња отпад завршуваат во ПВМ и потоа на рециклирање – како што е редот. Од Пакомак најавија дека очекуваат повеќе од 20 милиони парчиња отпад да бидат селектирани преку Повратните вендинг машини во текот на 2026 година.
Покрај тоа што системот на ПВМ е најсовремениот и најчистиот начин за селективно одложување на отпадот, тој ја претставува и вистинската суштина на иницијативата за почиста животна средина: заеднички придонес кон истата кауза. Корисниците правилно го одложуваат отпадот, Пакомак ги наградува, другите граѓани ја препознаваат придобивката и се приклучуваат во процесот на селекција. Така се создава позитивен однос према животната средина и се дава пример како треба да го чуваме она што го имаме.



