Стабилизација на живеачката во Македонија. Тоа е заклучокот од неколку месечното намалување или стагнирање на трошоците за живот на граѓаните.
Според најновите пресметки на Државниот завод за статистика, во август е забележано минимално зголемување на трошоците за живот од 0,4 отсто на месечно ниво односно во однос на јули годинава. На годишно нивo, или во однос на месец август 2025 година трошоците за живот се зголемени за 2,6 проценти. И натаму најмногу пари од семејниот буџет се резервирани за набавка на храна.
Извештајот покажува за алкохолни пијалoци и за тутун трошоците на граѓаните за една година биле најмногу зголемени, и тоа за над 9%. Државните статистичари пресметале дека има раст на речиси сите потребни производи и услуги кои ги купуваат домаќинставата.
„Во август 2026 година, во однос на јули 2026 година, зголемување на трошоците на животот е забележано во следните групи: Рекреација, спорт и култура за 3.1 %, Ресторани и услуги за сместување за 2.5 %, Лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги за 0.6 %, Храна и безалкохолни пијалаци за 0.5 %, Покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата за 0.4 %, Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива за 0.2 %. Во август 2026 година, во однос на јули 2026 година, намалување на трошоците на животот е забележано во групите: Транспорт за 0.8 % и Облека и обувки за 0.3 %“, се наведува во извештајот на ДЗС.
Што се однесува пак до Индексот на цените на мало во август 2026 година во однос на јули 2026 година изнесува 99.8. Индексот на трошоците на животот во август 2026 година, во однос на август 2025 година, бележи зголемување од 2.6 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 2.3 %.
Податокот со кој излезе Сојузот на синдикати на Македонија пред неколку дена е навистина алармантен, а тој вели дека македонските граѓани од својот домашен буџет издвојуваат најмногу пари за храна во Европа. Нивните податоци велат дека дури 40 отсто од средствата во текот на месецот се за набавка на храна и безалкохолни пијалаци. На ниво на Европска унија тој процент изнесува нешто над 15 отсто.
И.П.



