Европа не престанува да се „тресе“ по победата на десничарската Алтернатива за Германија(AfD) во Источна Германија. Од друга страна, Вашингтон и Москва „слават“, на кои им се допаѓа овој исход од германските избори.
Францускиот министер за Европа, Бенџамин Хадад, денес изјави дека победата на AfD на покраинските избори во Саксонија-Анхалт е „сериозен момент за Европа“, повикувајќи во исто време на одговори на стравовите и загриженоста на граѓаните, но и на одбраната на демократските вредности и европскиот проект.
„Ова е сериозен момент за Европа да ја види крајната десница како победува на регионалните избори во Германија“, напиша Хадад во објава на социјалната мрежа X.
Тој оцени дека „гневот, загриженоста и стравот“ на граѓаните мора да се слушнат со понизност и дека на нив мора да се одговори.
„Национализмот и ксенофобијата никогаш нема да бидат решение. Никогаш не смееме да престанеме да ги браниме нашите демократски вредности и европскиот проект“, рече францускиот министер, нагласувајќи дека Европа никогаш не смее да ја заборави својата историја.
Трамп и близок соработник на Путин се огласија
Американскиот претседател Доналд Трамп објави на својата социјална мрежа Truth Social снимка од екранот на германската телевизиска проекција на резултатите од изборите од Саксонија-Анхалт, за потоа Кирил Дмитриев, претставникот на рускиот претседател Владимир Путин во преговорите со САД, да направи снимка од екранот на објавата на Трамп и да ја пофали „историската победа на прагматичната AfD“.
Би-Би-Си потсетува дека Дмитриев претходно ја пофали AfD, партија пријателски настроена кон Русија, како „партија на надежта и разумот, соработката, вистината и надежта за Германија“.
Во пресрет на федералните избори во Германија минатата година, американскиот потпретседател Џ.Д. Венс ја поддржа таа партија, која беше критикувана во Германија за мешање во внатрешната политика.
Доналд Туск, централнодесничарскиот полски премиер, сосема поинаку ја гледа победата на германската крајна десница. „Во Полска, само идиоти и предавници можат да се радуваат на триумфот на AfD“, рече Туск.
Да ве потсетиме дека Алтернатива за Германија, предводена од Улрих Зигмунд, вчера убедливо победи на покраинските избори во германската сојузна покраина Саксонија-Анхалт со 43,8 проценти од гласовите, но не освои апсолутно мнозинство, додека Христијанско-демократската унија (CDU) на премиерот на покраината, Свен Шулц, претрпе тежок пораз и заврши на второто место со само 17,2 проценти од гласовите, според прелиминарните резултати објавени од изборната комисија во текот на ноќта.
Според прелиминарните резултати, AfD освои 43,8 проценти од гласовите на изборите во недела – барем двојно повеќе во споредба со 20,8 проценти на изборите во 2021 година, CDU сега доби 17,2 проценти од гласовите, додека на претходните избори освои 37,1 процент, а 9,3 проценти од гласачите гласаа за Социјалдемократската партија на Германија (SPD), во споредба со претходните 8,4 проценти, објавува „Билд“ утрово.
Според прелиминарните резултати, AfD го зголемила својот удел во гласовите повеќе од двојно, од 20,8 проценти во 2021 година на 43,8 проценти, што е најдобриот резултат постигнат од партија на регионалните избори во Германија во последните десет години.
Излезноста била 77,8 проценти, во споредба со 60,3 проценти во 2021 година, што е највисока излезност во Саксонија-Анхалт од повторното обединување на Германија.



