Ако требаше да се погледне само статистиката, купувањето стан во Скопје денес е потешко отколку во 2016 година. Цените на квадратурата, во меѓувреме, растеше побрзо од платата, па една просечна плата денес може да „купи“ помал дел од стан отколку пред 10 години.
Еден квадратен метар од нова зграда во Скопје денес бара скоро три просечни месечни плати, додека стан од 50 квадратни метри бара 11,5 години работа, под услов платата да е просечна и под претпоставка дека купувачот не потрошил ниту едно евро за ништо друго во тој период. Всушност, ова не е можно, бидејќи огромен процент од луѓето живеат и зависат исклучиво од својата плата.
Една плата денес купува малце повеќе од третина квадратен метар
Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната нето плата во Македонија во август 2026 година изнесувала 48.381 денари, или околу 786 евра. Во исто време, просечната цена по квадратен метар во Скопје изнесувала околу 2.157 евра, според последните ажурирани податоци на порталот cenakvadrat.com
Кога ќе ги вкрстиме тие два податоци, една просечна месечна плата е доволна за околу 0,36 квадратни метри нова градба, односно за еден квадратен метар е потребно да се издвојат 2,75 просечни плати.
Стан од 50 квадратни метри по последната просечна цена во Скопје би чинел околу 107.850 евра. Неговата вредност одговара на 137 просечни месечни плати (заработка за речиси 11,5 години).
Статистиката покажува дека во 2016 година било полесно да се стигне до сопствен стан.
Просечната цена по квадратен метар на стан во Скопје во 2016 година била 50.829 денари, додека просечната нето плата во Македонија, според тогашната методологија, во август 2016 година била 21.882 денари. Според тоа, една просечна плата можела да покрие 0,43 квадратни метри стан. За еден квадратен метар биле потребни околу 2,32 месечни плати, а за 50 квадратни метри 116 просечни плати, односно 9,7 години работа за да се дојде до сопствен стан.



