Кога централната банка на Холандија оваа недела потврди дека десетици тони државно злато преместила од Северна Америка, образложението привлече особено внимание: земјата сака да биде „подобро подготвена за сериозни кризи“.
Од вкупно околу 313 тони холандско злато што се чувало во САД и Канада, дури 86 тони биле преместени во Лондон, а централната банка како една од причините ги навела растечките геополитички тензии.
Целта е златото да биде лесно достапно доколку биде потребно во кризна ситуација.
Дали тоа значи дека централните банки очекуваат голем економски потрес?
Како што велат соговорниците на Би-би-си, не треба да се извлекува таков заклучок. Сепак, потегот на Холандија покажува како војните, трговските тензии и зголемената глобална неизвесност го менуваат начинот на кој државите управуваат со своите највредни резерви. А Холандија не е единствената.
Државите го преместуваат своето злато
Франција претходно годинава објави дека своите златни резерви ги вратила од САД во земјата.
Германската централна банка, пак, во повеќегодишен процес што заврши во 2016-та година, префрлила повеќе од 216 тони злато од странство – 111 тони од Њујорк и 105 тони од Париз.
Сличните одлуки не се историска новост.
Аналитичарите на „Голдман Сакс“, Лина Томас и Ден Страјвен, потсетуваат дека за време на Студената војна некои европски централни банки дел од своите златни резерви ги преместиле во Њујорк.
Џозеф Каватони, висок пазарен стратег во Светскиот совет за злато, вели дека војните и трговските тензии влијаат врз денешните одлуки, но не се единствената, ниту најважната причина.
Голема улога имаат и инфлацијата, каматните стапки, како и можноста златото брзо да се купи или продаде.
„Немам впечаток дека постои чувство на непосредна катастрофа“, вели Каватони.
Според него, централните банки денес едноставно повнимателно размислуваат како да управуваат со резервите и како најдобро да ги искористат.
Зошто токму Лондон?
Холандското злато било повлечено од САД и Канада во периодот од март до август годинава, а сега се наоѓа во трезорите на Банката на Англија.
Гувернерот на холандската централна банка, Олаф Слејпен, изјавил дека очекуваат златото никогаш да не мора да биде искористено за кризна намена, но дека земјата сепак мора да ја зголеми својата отпорност и подготвеност.
Лондон не бил избран случајно. Британската престолнина е еден од најголемите светски центри за трговија со злато. Ако државата во услови на криза сака брзо да купи или продаде злато, тоа што резервите веќе се наоѓаат во Лондон претставува голема предност.
Банката на Англија е еден од најголемите чувари на злато во светот. Во трезорите на институцијата, стара три века, се наоѓаат околу 400.000 златни прачки, вредни повеќе од 200 милијарди фунти.
Според истражувањата на Светскиот совет за злато, Банката на Англија и понатаму е најпопуларното место за чување резерви, но централните банки сè повеќе сакаат да ги распоредуваат на различни локации.
Како воопшто се преместуваат 86 тони злато?
Интересно е што преместувањето на државното злато не значи нужно дека десетици тони златни прачки физички патуваат со авиони или бродови преку Атлантикот.
Холанѓаните околу 59 тони злато продале во Њујорк, а потоа купиле дополнителни количества во Лондон. На тој начин немало потреба тие прачки физички да го преминуваат океанот.
Сепак, дел од златото навистина бил транспортиран.
Повеќе од 27 тони физички биле пренесени од САД и Канада во холандскиот град Зеист, а приближно истото количество потоа било испратено од Зеист во Лондон.
Компаниите што вршат вакви транспортни операции не откриваат многу детали за својата работа поради безбедносни причини.
„Brink’s Global Services“, една од малкуте компании што се занимаваат со меѓународен транспорт на злато, за Би-би-си соопштила дека во последно време бележи зголемена побарувачка, меѓу другото и од централните банки.
Извршниот потпретседател на компанијата, Надер Антар, смета дека на овој тренд влијаат геополитичката и економската неизвесност, но и сè поголемото значење на златото како стратешка резервна актива.
Централните банки купуваат двојно повеќе злато
Прашањето каде да се чува златото станува уште позначајно затоа што централните банки го купуваат во огромни количества.
Според податоците на Светскиот совет за злато, во последните четири години централните банки купувале во просек околу 1.000 тони злато годишно.
Во претходната деценија годишниот просек бил околу 500 тони. Тоа значи дека темпото на купување практично се удвоило.
Трендот трае уште од глобалната финансиска криза, а се очекува купувањето да продолжи да расте и во текот на следната година.
Сепак, чувањето големи количества злато во сопствената земја не е бесплатно.
Аналитичарите на „Голдман Сакс“ предупредуваат дека се потребни инвестиции во физичко обезбедување, инфраструктура за управување со резервите и осигурување, што особено за помалите централни банки може да претставува голем трошок.
Златото веќе ја проби границата од 5.000 долари
Паралелно со зголемените купувања од централните банки, цената на златото во последните години бележи силен раст.
Цената на благородниот метал уриваше рекорд по рекорд, а во јануари годинава ја надмина границата од 5.000 долари за унца.
Според графиконот што го објавува Би-би-си, цената приспособена за инфлација достигнала рекорд од околу 5.394 долари во февруари 2026-та година, за во јули да падне на околу 4.046 долари.
Сепак, и понатаму е исклучително висока во историски контекст.
Една од главните причини е традиционалната улога на златото како „сигурно засолниште“ во периоди на економски и геополитички потреси.
На неговата привлечност влијаат и инфлацијата и каматните стапки. Поради ограничената количина на злато и вредноста што му се припишува илјадници години, инвеститорите често го гледаат како начин за заштита на имотот од растот на цените.
Инвестициската банка „Чарлс Шваб“ наведува дека во последниот половина век цената на златото растела значително побрзо од индексот на потрошувачките цени, еден од најследените показатели за инфлацијата.
„Голдман Сакс“ очекува нов раст
Иако златото моментално е под рекордните нивоа од почетокот на годината, „Голдман Сакс“ очекува нов раст.
Нивните аналитичари прогнозираат дека цената до крајот на 2026-та година би можела да достигне 4.900 долари за тројска унца, што е околу 300 долари повеќе од цената во август.
Токму огромната побарувачка од централните банки е една од клучните причини поради кои цената на златото расте.
Затоа потези како холандскиот не се само прашање на тоа каде се наоѓаат државните златни резерви.
Додека централните банки купуваат сè повеќе злато и повнимателно избираат каде ќе го чуваат, нивните одлуки стануваат еден од факторите што ја обликуваат и цената на најпознатиот благороден метал во светот.



