Технолошкиот гигант „Hon Hai Precision Industry Co“, познат како „Foxconn“, забележа раст од 52 отсто на продажбата на месечно ниво, поттикнат од зголемената побарувачка за сервери во глобалната трка за изградба на центри за податоци и капацитети за вештачка интелигенција.
Приходите на компанијата во август изнесувале 921,8 милијарди нови тајвански долари, односно околу 29,1 милијарда американски долари, соопшти компанијата, пренесува „Bloomberg“.
Тоа е продолжение на силниот раст забележан во јули, кога продажбата на годишно ниво порасна за 54 отсто. Со тоа „Hon Hai“ продолжува да остварува подобри резултати од очекуваните. Аналитичарите во просек прогнозираат раст на продажбата од околу 37 отсто во трите месеци до септември.
„Hon Hai“, која соработува со „Nvidia“ во склопувањето сервери, има корист од големите инвестиции во облачната инфраструктура ширум светот во изминатите неколку квартали.
Месечната продажба на тајванската компанија се следи како показател за состојбата во секторот на вештачката интелигенција, во време кога растат загриженоста за прекумерен капацитет, зголемениот долг и жестоката конкуренција.
„Hon Hai“ и понатаму работи со пониски маржи во споредба со својот бизнис со „Apple“ на пазарот на паметни телефони. Компанијата е главниот производител на „iPhone“, со производствени капацитети во Кина и Индија, иако „Apple“ постепено го диверзифицира синџирот на добавувачи со компании како „Luxshare Precision Industry“.
Растот на продажбата на „Hon Hai“ се забрзал благодарение на испораките на сервери за вештачка интелигенција, но компанијата сè уште заостанува зад конкурентите кои се посилно фокусирани на овој сектор.
Според аналитичарите на „Bloomberg Intelligence“, Стивен Ценг и Ребека Ванг, големиот бизнис на „Hon Hai“ со потрошувачка електроника го намалува влијанието на брзиот раст во облачниот и „AI“ сектор.



