Трите главни ставки во буџетот на секое домаќинство се храната, домувањето и сметките за енергија, како и транспортот. За нив во просек се издвојуваат околу 46 отсто од вкупните трошоци на домаќинствата, пишува „Еуроњуз“.
Со инфлација од 3,3 отсто, највисока во последните три години, и просечен раст на трошоците за енергија од 14,3 отсто, одржувањето на досегашниот начин на живот станува предизвик. Сепак, Европејците наоѓаат начини да не се откажат од него.
Податоците на Евростат покажуваат дека граѓаните се подготвени да пренасочат дел од своите трошоци за да продолжат да издвојуваат пари за посети на ресторани и хотелски сместувања. Уделот на трошоците за спорт и култура дури и се зголемува, наведува „Еуроњуз“.
Парите се пренасочуваат од други ставки, најмногу од транспортот. Анализите покажуваат дека Европејците не се откажуваат целосно од одредени активности, туку ги оптимизираат трошоците – на пример за транспорт, комуникации и поврзаност – за да го задржат квалитетот на животот и да не се откажат од пријатните искуства.
Понекогаш тоа значи внимателно правење компромиси, но луѓето сè уште наоѓаат пари за концерт или вечера во ресторан, дури и ако тоа значи помалку средства за храна или транспорт во текот на месецот.
Сепак, овој тренд главно се однесува на луѓето со средни и високи приходи. Кај посиромашните европски домаќинства, основните трошоци за храна, транспорт и домување заземаат најголем дел од приходите, додава „Еуроњуз“.



