Надзорниот одбор на „Volkswagen“ одобри сеопфатен план за трансформација, кој може да опфати укинување на околу 50.000 работни места во компанијата, вклучително и раководни позиции. Мерката е дел од напорите на автомобилскиот производител да ја подобри својата конкурентност.
Со планот за укинување на 50.000 работни места, кои на крајот на минатата година претставувале околу 8 отсто од вкупниот број вработени во „Volkswagen“, вкупното очекувано намалување на работната сила би достигнало околу 100.000 работни места.
Автомобилскиот концерн планира до 2035-та година да ги намали и своите средства и гамата на модели за околу 50 отсто, објави „Bloomberg“.
„Планот за иднината“, кој го претставил Управниот одбор на „Volkswagen“, бил едногласно одобрен на седницата на Надзорниот одбор во Волфсбург. Целта е компанијата и нејзините брендови да станат поефикасни, поконкурентни и подобро подготвени за иднината, соопшти „Volkswagen“.
Преструктурирањето треба да му помогне на „Volkswagen“ да постигне оперативна маржа од 9 отсто до 2030-та година, со годишна продажба од околу 9 милиони автомобили.
Компанијата планира и капитални инвестиции од 135 милијарди евра, како и дополнителни средства за истражување и развој во периодот од 2027-ма до 2031-ва година.
Од „Volkswagen“ предупредуваат дека, покрај веќе постоечките програми, потребни се дополнителни суштински промени во бројот на вработени на глобално ниво за да се исполнат целите на планот и да се зачува конкурентноста на компанијата.
Засега не се објавени детали за тоа кога точно ќе се реализираат укинувањата на работните места, ниту како тие ќе бидат распределени меѓу различните брендови и производни капацитети на „Volkswagen“.
Како причини за планираните мерки компанијата ги наведува зголемениот глобален конкурентски притисок, промените во побарувачката и брзиот технолошки развој во автомобилската индустрија.
Одлуката му дава силен мандат на извршниот директор на „Volkswagen“, Оливер Блуме, да продолжи со промените што раководството и Надзорниот одбор ги сметаат за неопходни за обезбедување на долгорочната конкурентност на компанијата.
„Volkswagen“ во периодот што следува ќе мора да се справи со високите трошоци, послабата побарувачка и сè посилната конкуренција на глобалниот автомобилски пазар.



