Индустријата во земјава се движи „падни – стани“ речиси цела година. Никако да и тргне и да испорача раст каков што се очекува и најавува подолго време. Последните податоци велат дека индустриското производство е зголемено само 1,3 отсто на годишно ниво. Тоа е реалноста за македонската економија.
Податоците на државната статистика велат дека индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во јули 2026 година, во однос на јули 2025 година, бележи опаѓање од 5.9 %, во секторот. Позитивни се пак бројките за Преработувачка индустрија каде е забележан пораст од 3.4 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација повторно минус, односно опаѓање од 19.5 %.
Тоа што може да се забележи од извештајот е дека зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во производство на пијалаци, производство на тутунски производи, производство на хемикалии и хемиски производи, производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, производство на производи од гума и производи од пластични маси и производство на други неметални минерални производи.
Според главните индустриски групи, производството во јули 2026 година, во однос на јули 2025 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 9.2 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 3.1 %, додека опаѓање бележи кај Енергија за 22.2 %, Капитални производи за 2.9 % и Трајни производи за широка потрошувачка за 9.9 %. Индексот на индустриското производство во периодот јануари – јули 2026 година, во однос на периодот јануари – јули 2025 година, изнесува 100.9
„Најголемо влијание врз порастот на индустриското производство во јули 2026 година, во однос на јули 2025 година, има зголемувањето на производството во одделите: Производство на пијалаци со 14.1 %, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати со 15.6 %, Производство на други неметални минерални производи со 85.0 %“, стои во извештајот на ДЗС.
Стопанските комори и останатите бизнис здруженија со години апелираат до сите власти дека треба да се даде посебен акцент на извозно ориентираните компании. Токму тие производствени капацитети можат да направат производ со дополнителна вредност, што ќе значи повисок раст на македонската индустрија а со тоа и подобар стандард на македонските работници.
И.П



