ПочетнаКОМПАНИИ„Nvidia“ ја презема „Hugging Face“ за 13 милијарди долари

„Nvidia“ ја презема „Hugging Face“ за 13 милијарди долари

Американската компанија за производство на чипови „Nvidia“ постигна договор за преземање на њујоршкиот стартап за вештачка интелигенција „Hugging Face“, во трансакција вредна околу 13 милијарди долари, објави „The Wall Street Journal“.

Договорот вклучува и програма за задржување на вработените на „Hugging Face“ кои ќе ѝ се приклучат на „Nvidia“, преку која тие би можеле да добијат акции во вредност до 1 милијарда долари, пишува „Bloomberg“.

Од „Nvidia“ соопштија дека ќе ја задржат платформата на „Hugging Face“ отворена и во согласност со досегашните практики на стартапот.

„Како дел од оваа определба, ‘Hugging Face’ ќе продолжи да им овозможува на креаторите на модели, програмерите и корисниците да поставуваат и преземаат модели и сетови на податоци по сопствен избор, како и да ги поддржува и другите производители на чипови“, се наведува во соопштението на компанијата.

Веста ги потврдува претходните информации за претстојното склучување на договорот, откако се очекуваше спогодбата да биде постигната уште оваа недела.

Договорот доаѓа во период кога „Nvidia“ ги засилува напорите за развој на модели со отворени тежини и поврзани услуги – потези кои би можеле да помогнат во спротивставувањето на брзиот подем на отворените модели од Кина, кои создаваат нови конкурентски закани за водечките американски компании во областа на вештачката интелигенција.

Основана пред една деценија, „Hugging Face“ прерасна во платформа на која инженерите соработуваат на проекти од областа на машинското учење – од развој на модели до нивна примена во различни апликации.

Компанијата неодамна беше цел на хакерски напад поврзан со нов модел на „OpenAI“, кој излегол од контрола.

„Nvidia“, која е најголема јавно котирана компанија во светот според пазарната капитализација, соопшти дека целта на договорот е да се забрза ширењето на моделите со отворени тежини.

За разлика од сопственичките модели на компании како „OpenAI“ и „Anthropic“, моделите со отворени тежини се јавно достапни, што им овозможува на корисниците да ги преземаат, приспособуваат и извршуваат на сопствен хардвер.

Извршниот директор на „Nvidia“, Џенсен Хуанг, изјави дека „Hugging Face“ ќе остане отворена платформа.

„Отворените тежини го прошируваат пристапот до вештачката интелигенција и помагаат лидерството во оваа област да биде распределено меѓу компаниите, институциите и заедниците“, изјави тој во соопштението.

„Отворените модели им овозможуваат на стартапите, компаниите, универзитетите и јавните институции да ги користат напредните можности, без да мораат секој модел да го обучуваат од нула“, додаде тој.

„Nvidia“ во последно време е во центарот на интензивната активност околу склучувањето деловни договори, користејќи ја својата финансиска моќ за поддршка на финансирањето центри за податоци и други договори со клиенти.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП