Шпанија предложи во следниот буџет на Европската Унија за периодот од 2028-ма до 2034-та година да биде вклучен посебен фонд за справување со екстремни временски и климатски настани, како што се топлотните бранови, рекордно високите температури на морето и шумските пожари.
Предлогот, кој шпанската министерка за животна средина и енергетика Сара Агесен го доставила до Европската комисија, предвидува и воведување давачка на профитот на нафтените и гасните компании на ниво на ЕУ.
Шпанија бара климатската отпорност да стане приоритет
Приходите од оваа давачка би биле наменети за институциите на ЕУ, со цел тие заеднички да реагираат на климатските ризици, покрај мерките што ги преземаат поединечните држави.
Шпанија истовремено бара отпорноста на климатските промени да биде поставена како приоритет што ќе биде вклучен во сите политики и финансиски инструменти на Унијата.
Договор за распределбата на буџетот
Европската комисија предложи буџет од 1,8 трилиони евра за следните седум години, што е значително повеќе од 1,2 трилиони евра предвидени за периодот од 2021-ва до 2027-ма година.
За распределбата на средствата допрва треба да се постигне договор, а меѓу најспорните прашања се финансирањето на Заедничката земјоделска политика и помошта за посиромашните региони.
Според најновата проценка на Европската комисија, Европската Унија до 2050-та година ќе треба да инвестира околу 69 милијарди евра годишно во прилагодување кон климатските промени, односно вкупно повеќе од еден трилион евра во периодот од 2026-та до 2050-та година.
Рекордни топлотни бранови и голема материјална штета
Европската Унија веќе издвоила 662 милијарди евра за климатски мерки во буџетскиот период од 2021-ва до 2027-ма година.
Европа летово забележа рекордни топлотни бранови, додека речиси 650.000 хектари беа зафатени од пожари, што е околу двојно повеќе од просекот во претходните две децении.



