Европската комисија ќе предложи нови правила за домување со кои на националните и локалните власти ќе им бидат дадени појасни насоки за ограничување на краткорочните изнајмувања и купувањето станови или земјиште што не се користат како примарно живеалиште, се наведува во документ до кој дошол „Euronews“.
Најавите за построги ограничувања доаѓаат во период кога цените на недвижностите во повеќето европски престолнини растат побрзо од приходите на населението. Според податоците на Евростат, цените на домовите меѓу 2015-та и 2025-та година се зголемиле за 64,9 отсто, додека кириите пораснале за 21,8 отсто.
Луѓето кои не можат да си дозволат да купат дом се соочуваат со сè повисоки кирии, кои во одредени случаи достигнуваат до 40 отсто од приходите на домаќинствата. Во исто време, и семејствата од средната класа сè почесто се соочуваат со ситуација во која не можат да си дозволат ниту купување ниту изнајмување дом, но не ги исполнуваат ниту условите за социјално домување.
Многу жители на градови како Лисабон, Барселона и Прага се незадоволни бидејќи сметаат дека платформите за краткорочно изнајмување, како „Airbnb“, одземаат недвижности од пазарот за долгорочно домување и ги зголемуваат цените, што често ги принудува жителите да се преселат на друга локација.
Податоците на ЕУ од 2024-та година покажуваат дека речиси 10 отсто од жителите на градовите во Унијата трошат повеќе од 40 отсто од расположливите приходи на домување.
Краткорочните изнајмувања сочинуваат само 1,2 отсто од вкупниот станбен фонд на ЕУ, но во некои туристички градови нивниот удел може да достигне и до 20 отсто.
Бидејќи во областите со најголема побарувачка се градат премалку станови, Брисел проценува дека ќе бидат потребни повеќе од два милиони нови домови годишно за да се реши проблемот.
Предвидените ограничувања на Европската комисија ќе се применуваат само во области каде што постојат јасни податоци за сериозен притисок врз станбениот пазар.
Кога станува збор за домовите што се изнајмуваат преку платформи како „Airbnb“, ЕУ е особено загрижен за комерцијалните оператори кои управуваат со повеќе имоти и ги нудат како туристички сместувања, а не толку за луѓето кои повремено го изнајмуваат сопствениот дом.
Според предлогот, градовите би можеле да воведуваат ограничувања насочени кон професионални оператори со повеќе имоти, додека би се заштитила можноста на граѓаните да го изнајмуваат своето примарно живеалиште.
Сепак, Европската комисија признава дека ограничувањата за краткорочните изнајмувања и вторите домови нема да го решат структурниот недостиг на станови во Европа.
Меѓу другите предизвици се високите трошоци за изградба, скапото градежно земјиште, урбанистичките ограничувања и долгите процедури за добивање градежни дозволи.
Според организацијата „Housing Europe“, со седиште во Брисел, потребата од домови во голем број европски земји значително ја надминува понудата.
Најновите податоци покажуваат дека во Франција е потребна изградба на 518.000 домови годишно, од кои 198.000 би биле социјални станови. Во Германија се потребни 400.000 домови годишно, од кои 140.000 социјални.
Во Холандија се потребни речиси еден милион нови домови до 2031-ва година, додека Шведска има потреба од повеќе од 500.000 нови домови до 2033-та година. Сепак, новата понуда не е доволна за да ги задоволи потребите, а во некои случаи е и за половина помала од потребното.
Европската комисија работи и на „Пакет за поедноставување на станбениот пазар“, чија цел е намалување на административните бариери што ја забавуваат изградбата. Пакетот треба да биде претставен во 2027-ма година.
Во меѓувреме, недвижностите сè повеќе се претвораат и во инвестициски средства, што дополнително им го отежнува пристапот до сопствен дом на младите луѓе и домаќинствата со средни приходи.
Европската комисија разгледува и можност за поттикнување на националните влади да интервенираат во области каде што цените на домовите се најмалку осумпати повисоки од приходите, каде што цените растеле во последните десет години и каде што не се очекува подобрување на состојбата во следните три години.
Домувањето е во надлежност на националните и локалните власти, што значи дека Европската комисија нема овластување директно да им нареди на земјите членки и на градовите да градат повеќе домови.
Наместо тоа, Брисел се обидува да влијае врз пазарот преку европското финансирање, правилата за државна помош, инвестициите и законодавството.
Според податоците на Европската федерација на националните организации кои работат со бездомништво (Feantsa), се проценува дека меѓу 1,2 и 1,3 милиони луѓе во ЕУ секоја ноќ остануваат без дом поради продлабочувањето на станбената криза и растечките трошоци за живот.
Европската комисија треба да го претстави својот план за домување на 9-ти септември.



