ПочетнаЕКОНОМИЈАКолку се исплати да се одгледуваат лешници во Македонија?

Колку се исплати да се одгледуваат лешници во Македонија?

Лешникот не носи пари преку ноќ. Треба земја, вода, почетна инвестиција и, можеби најмногу од сè, трпение. Но кога насадот ќе влезе во полн род, пресметката станува многу поинтересна. Токму затоа во повеќе делови од Македонија последните години се појавуваат нови насади, од Струшко и Пелагонија, до источниот дел од земјава и околината на Скопје.

Причината е едноставна. Лешникот има добра пазарна вредност, може да се чува подолго од свежото овошје, а побарувачка има и од домаќинствата и од прехранбената индустрија.

Но, прво треба да се дочека родот.

Леската обично почнува да дава плод во третата или четвртата година, додека сериозниот принос доаѓа подоцна. Полната родност најчесто се очекува околу седмата или осмата година, зависно од сортата, почвата, водата и начинот на одгледување. Во добар насад приносот може да се движи од околу 2,2 до 3,6 тони по хектар.

Според една понова агроекономска пресметка за условите во Македонија, кај насад во полн род од околу три тони лешник по хектар и продажна цена од околу 270 денари за килограм, годишниот приход би изнесувал приближно 810.000 денари. Проценетите годишни трошоци се околу 330.000 денари, што остава околу 480.000 денари, односно нешто помалку од 8.000 евра. Станува збор за ориентациона пресметка, а не за загарантирана заработка.

Агроекономистите предупредуваат дека токму тука земјоделците најчесто ја прават грешката. Го гледаат приходот од зрел насад, а ги забораваат годините додека до него ќе стигнат.

Во меѓувреме треба да се купат садници, да се подготви земјата, да се постави систем за наводнување, да се врши прихрана, заштита, кастрење и контрола на изданоците. Насадот работи, но парите од него сè уште не стигнуваат.

Водата е посебна приказна.

„Ако добро го наводнуваш, ако не, нема лешници“, вели производител од источна Македонија кој со години одгледува леска.

Според неговото искуство, во периодите без доволно врнежи наводнувањето е една од клучните операции во насадот.

И стручните препораки одат во иста насока. Недостигот од вода може да предизвика опаѓање на плодовите, поситен лешник и послаб квалитет на јадрото, особено во периодот кога плодот интензивно се развива.

Од друга страна, лешникот има нешто што многу други овошки го немаат. Не мора да се продаде истиот ден кога е собран.

Правилно исушениот плод може да се складира и производителот има повеќе простор да почека подобра цена или купувач. Тоа е значајна предност во земјоделство каде што кај праската, кајсијата или јагодата понекогаш часовите решаваат дали производот ќе се продаде или ќе пропадне.

Сепак, и бербата чини пари. Кај малите насади голем дел од работата сè уште се врши рачно.

„Сè уште ги собираме рачно, од леска и од земја. Потоа рачно ги сортираме различните видови и ги сушиме“, раскажува производителка која има насад со лешници во Македонија.

Колку што насадот е поголем, толку повеќе се исплаќа механизацијата за собирање, чистење, сушење и сортирање.

Дека интересот за ова производство не е само приказна на мали земјоделци покажуваат и поголемите инвестиции. Во Македонија веќе има компании со стотици хектари под лешник, што покажува дека културата се гледа и како сериозен долгорочен агробизнис. Една домашна компанија наведува дека располага со околу 400 хектари насади.

Државната земјоделска стратегија исто така го издвојува јаткастото овошје како сектор каде домашното производство не ги задоволува потребите и дел од побарувачката се покрива со увоз.

Значи, може ли да се заработи?

Може. Но лешникот не е култура за човек што сака вложените пари да му се вратат следната есен. Првите години се садење, работа и чекање. Вистинската заработка почнува подоцна.

А кога насадот конечно ќе влезе во полн род, тогаш веќе приказната изгледа сосема поинаку.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП