Европа повторно се соочува со сценарио за кое до пред неколку месеци многумина мислеа дека е зад неа. Инфлацијата повторно забрзува, енергијата поскапува, производствените цени растат, а големите инвестициски банки веќе ги менуваат прогнозите и очекуваат Европската централна банка да продолжи со затегнување на монетарната политика.
На состанокот на 10 септември пазарите практично целосно очекуваат ново зголемување на каматните стапки, а J.P. Morgan и BNP Paribas сега прогнозираат дека уште едно зголемување може да следи и во декември.
Причината е едноставна. Инфлацијата во еврозоната во август повторно се искачи на 3,3 проценти, од 2,9 проценти во јули. Најголемиот притисок доаѓа од енергијата, каде годишната стапка на раст на цените достигна дури 14,3 проценти, наспроти 10,3 проценти само еден месец претходно. Истовремено, инфлацијата без енергија останува на 2,2 проценти, што покажува дека главниот проблем моментално навистина доаѓа од енергетскиот шок.
Но уште еден податок од Eurostat можеби е поважен за тоа што може да следи. Производствените цени во еврозоната во јули пораснале 1,6 проценти само за еден месец, а во споредба со јули минатата година се повисоки за 5,8 проценти. Само енергетската компонента кај производителите во јули скокнала 5,6 проценти месечно. Тоа значи дека европските компании повторно се соочуваат со поголеми трошоци уште пред производот да стигне до продавницата.
ЕЦБ е пред непријатен избор
Европската централна банка сега има проблем кој централните банкари најмалку го сакаат. Инфлацијата повторно оди нагоре, но европската економија не е толку силна за безболно да издржи серија нови зголемувања на каматите.
Анкетата на Reuters меѓу 65 економисти покажува практично едногласно очекување дека ЕЦБ на 10 септември ќе ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на 2,50 проценти. До вчера доминантната проценка беше дека тоа би можело да биде последното зголемување во овој краток циклус. Денес веќе не е толку сигурно. J.P. Morgan и BNP Paribas ги ревидираа прогнозите и сега очекуваат уште едно зголемување од 25 базични поени и во декември, доколку енергетските цени и инфлацијата останат под притисок.
Пазарите веќе ја вградуваат таа логика во цените. Веројатноста за септемвриско зголемување е проценета на повеќе од 99 проценти, додека нафтата останува висока. Brent денес се движи околу 95,5 долари за барел, по неделен раст од 7,6 проценти, а WTI е околу 91 долар. Геополитичките тензии и стравот од нарушување на снабдувањето повторно го враќаат енергетскиот ризик во центарот на монетарната политика.
Проблемот за ЕЦБ е што економијата на еврозоната не е во рецесија. Композитниот PMI во август изнесува 52,0, што значи умерена експанзија на приватниот сектор. Производството се подобрува, извозот расте, а вработеноста во услугите е во пораст. Тоа ѝ дава на ЕЦБ простор да ги крене каматите без непосреден страв дека ќе ја турне економијата во силна контракција. Од друга страна, ако претера со затегнувањето, ризикува да го задуши растот во 2027 година.
Зошто ова не е само европска приказна
Македонија не е членка на еврозоната и Народната банка не ја следи механички секоја одлука на ЕЦБ. Но македонската економија е силно поврзана со европската преку трговијата, финансирањето, девизниот курс и банкарскиот сектор. Затоа повисоките европски каматни стапки речиси секогаш создаваат притисок и дома.
Првиот канал е кредитирањето. Дел од кредитите на компаниите и домаќинствата се директно или индиректно поврзани со европски референтни стапки, а EURIBOR е еден од најважните показатели што влијаат врз цената на финансирањето во евра. Ако ЕЦБ повторно влезе во циклус на повисоки камати, очекувањата за побрзо поевтинување на кредитите во Македонија ќе станат помалку реални.
Најновите податоци на Народната банка веќе покажуваат дека кај новите кредити движењето не е еднонасочно надолу. Во јули просечната камата на новоодобрените кредити изнесувала 4,44 проценти, а кај новите кредити за домаќинствата 4,73 проценти. Кај домаќинствата тоа е повеќе и од претходниот месец и од јули 2025 година. Значи уште пред евентуалното ново затегнување на ЕЦБ, кај новото задолжување на граѓаните веќе се гледа благо движење нагоре.
Вториот канал е деловното финансирање. За компанија која планира нова фабрика, магацин, машина или проширување, разликата од половина или еден процентен поен на повеќегодишен кредит може да значи сериозна сума. Поскапото финансирање ги прави дел од инвестициите помалку исплатливи, а компаниите стануваат повнимателни со ново задолжување.
Третиот канал е инфлацијата. Ако енергијата во Европа остане скапа, дел од повисоките транспортни, производствени и увозни трошоци неизбежно се пренесуваат и на мали увозни економии како македонската. Тоа не значи дека европска инфлација од 3,3 проценти автоматски ќе произведе иста стапка кај нас, но ја зголемува веројатноста дека ценовните притисоци ќе траат подолго.
И тука се создава можеби најнепријатното сценарио – поскапи кредити и повисоки цени во исто време.
За домаќинствата тоа значи поголема рата или потешко добивање нов кредит. За компаниите значи поголем трошок за инвестиции и обртни средства. За државата значи поскапо задолжување на меѓународните пазари. А за Народната банка значи потесен простор за брзо олабавување на домашните монетарни услови.
Колку значи само половина процент повеќе?
На прв поглед 0,25 или 0,50 процентни поени изгледаат како мала промена. Кај голем и долгорочен кредит, математиката изгледа поинаку.
Да земеме чисто илустративен станбен кредит од 100.000 евра на 25 години. При камата од 4 проценти месечната рата е околу 528 евра. Ако каматата се зголеми на 4,5 проценти, ратата оди на приближно 556 евра. Тоа се околу 28 евра повеќе секој месец, или повеќе од 8.000 евра дополнителни плаќања низ целиот период ако стапката остане на тоа ниво.
При зголемување на 5 проценти, месечната рата би била приближно 585 евра, односно околу 57 евра повеќе месечно во однос на кредитот со 4 проценти.
Ова е само математички пример со фиксна стапка низ целиот период и не претставува конкретна банкарска понуда. Но добро покажува зошто централните банки толку многу внимаваат со секое зголемување од 25 базични поени. На милијарди евра кредити, една мала промена во процентот станува огромна сума.
Истото важи и обратно за депозитите. Повисоките каматни стапки можат да значат подобри приноси за штедачите. Ако банкарските извори на финансирање станат поскапи и конкуренцијата за депозити расте, банките имаат поголема причина да понудат повисоки депозитни камати. Најновите домашни податоци веќе покажаа дека просечната камата на новопримените депозити на домаќинствата во јули е 2,65 проценти, значително повеќе од 2,33 проценти една година претходно.
Затоа новиот каматен циклус нема исти губитници и добитници. Должниците сакаат пониски стапки. Штедачите имаат корист од повисоки. Банките балансираат меѓу цената на депозитите, кредитниот ризик и каматните маржи. Компаниите пресметуваат дали инвестицијата сè уште им се исплати.
Она што изгледаше како релативно јасна приказна – инфлацијата полека се смирува, па каматите ќе почнат да паѓаат – сега повторно станува неизвесно.
ЕЦБ ќе ја донесе следната одлука на 10 септември, а состанокот официјално е закажан за 9 и 10 септември во Берлин. Ако очекувањата на пазарот се остварат, тоа ќе биде второ зголемување во актуелниот циклус. Ако J.P. Morgan и BNP Paribas се во право, на тоа може да следи уште едно во декември.
За Македонија најважното прашање затоа не е дали ЕЦБ ќе ја крене каматата за уште 0,25 процентни поени.
Прашањето е колку долго Европа ќе мора да живее со скапи пари – и колкав дел од таа цена на крајот ќе стигне и до нас.
Автор: Бранко Стојкоски



