Во најновата регионална анализа на угледниот хрватски бизнис медиум Poslovni.hr, насловена како „Добродојдовте во супер-тешката категорија на регионални претприемачи“, се мапираат највлијателните фигури кои управуваат со економските текови на Балканот. Текстот јасно ја отсликува тектонската промена на моќта во последната деценија – од падот на неодржливите бизнис модели базирани на долгови, кон лидери кои остваруваат стабилен, органски и долгорочен раст. Во ова елитно друштво на регионални тешкаши, Живко Мукаетов, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, е издвоен како најмоќниот и највлијателен претприемач од Македонија.
Со проценето богатство од 651,3 милиони евра (според рангирањето на белградски „Недељник“), Мукаетов се наоѓа на високата 38-ма позиција на регионалната листа. Но, како што потенцира авторот на анализата Синиша Малус, влијанието во оваа категорија не се мери исклучиво преку парите, туку преку способноста за преживување во кризи, успешното адаптирање и градењето корпоративна култура која излегува уште посилна по пазарните потреси.
Како што пренесува Poslovni.hr, за фармацевтскиот гигант „Алкалоид“, регионот е само отскочна штица од која се гради сериозна глобална стратегија. Под палката на Мукаетов, кој го презеде кормилото во 2006 година наследувајќи го својот татко Трајче Мукаетов, компанијата порасна за неверојатни четири и пол пати.
Успехот на Алкалоид не е случајност, туку производ на визија која Мукаетов ја сумира во една реченица:
„Пред сè, успехот се должи на изградбата на портфолио на производи кои имаат додадена вредност, диференцирани се од конкуренцијата, квалитетни се и конкурентни на пазарот.“
Алкалоид денес има развиено сериозна регионална инфраструктура: производствен погон во Белград, хемиска лабораторија во Љубљана и силен правен тим во Загреб, истовремено развивајќи напредни форми на соработка со своите конкуренти во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина.
Финансиските перформанси ја потврдуваат лидерската позиција на Мукаетов и Алкалоид АД Скопје. Во деловната година, компанијата оствари 339,3 милиони евра консолидиран приход од продажба (раст од 10%) и 29,2 милиони евра чиста нето добивка.
Посебно импресивен е фактот што продажбата на домашниот македонски пазар бележи скок од дури 20%, што покажува дека компанијата цврсто ја држи својата доверба дома, додека истовремено агресивно освојува над 50 странски пазари.
Анализата на Poslovni.hrја повлекува паралелата дека модерните регионални лидери во оваа „супер-тешка категорија“, каде покрај Мукаетов се наоѓаат и Емил Тедески (Атлантик Група) и Мирослав Мишковиќ (Делта Холдинг), споделуваат иста деловна филозофија: клучниот раст почива на систематско вложување во знаењето и луѓето.
Преку фондацијата „Трајче Мукаетов“, Живко Мукаетов веќе со години стипендира и гради млади кадри по медицина и фармација, создавајќи сопствена стручна база и спречувајќи го одливот на мозоци од Македонија. Неговото влијание дополнително се ефектуира преку дипломатскиот ангажман како генерален конзул на Кралството Данска, како и преку водечките позиции во Стопанската комора на Македонија и глобалната мрежа Macedonia2025.



