Мирисот на печени пиперки полека треба да ги освои скопските маала, дворовите и терасите, но годинава пред да се запали ќумбето, многумина прво го вадат калкулаторот. Сезоната на зимници почнува, а старата есенска математика веќе не е толку едноставна. Пиперки, масло, тегли, струја или дрва, па уште ако треба сè да се купи на пазар… Домашниот ајвар сè помалку е евтина варијанта, а сè повеќе семејна традиција што чини.
На скопскиот Кванташки пазар во втората половина на август ајварката се продаваше по околу 50 денари за килограм, додека обичните пиперки се движеа меѓу 40 и 50 денари. Доматите беа од 35 до 50 денари, модриот патлиџан од 25 до 30 денари, а краставиците достигнуваа и 70 денари за килограм. Тоа се големопродажни цени. На зелените пазари, особено за поквалитетна стока, сметката може да биде повисока.
Ајварката годинава има уште еден парадокс. Земјоделците се жалат дека ја продаваат евтино, додека купувачот на крајот не ја чувствува таа ниска цена.
Во Струмичко летово производителите протестираа поради откуп од 25 денари за килограм. Потоа беше договорена цена од 40 денари за прва класа и 30 денари за индустриска, но проблемите не завршија тука. На почетокот на септември производители од Пелагонија веќе тврдат дека откупувачите им нудат околу 20 денари за килограм. Истовремено, сезонските работници за берење бараат и до 350 денари од час.
„Со оваа цена едвај се покрива производството. Ако го пресметаме и нашиот труд, тогаш сметката станува уште полоша“, е суштината на забелешките што деновиве ги повторуваат производителите.
Познавачите на аграрниот сектор посочуваат дека ниската откупна цена не мора автоматски да значи и евтин производ на тезга. Од нивата до купувачот има транспорт, сортирање, растур, трговски маржи и други трошоци. Дополнително, поквалитетната пиперка често оди за извоз, што влијае врз понудата што останува за домашниот пазар. Во август трговците на Кванташкиот пазар веќе забележуваа дека подобрата класа пиперки заминува надвор од земјата.
Но пиперката е само почеток.
Литар сончогледово масло во маркетите деновиве, зависно од производителот и продажното место, може да се најде за околу 95 до 107 денари, а одредени видови чинат и повеќе. Кога ќе се додадат теглите, капаците, солта, шеќерот, модриот патлиџан и енергијата потребна за печење и пржење, конечната цена на ајварот веќе изгледа поинаку.
Економистите предупредуваат дека во домашната пресметка најчесто недостига една ставка – трудот. Печењето, лупењето, цедењето, мелењето и пржењето обично се сметаат како да се бесплатни. Ако се пресметаат и тие часови, разликата меѓу домашна и купена тегла значително се намалува.
„Кога ќе ги додадам маслото, солта, шеќерот и теглата, една тегла ме чини најмалку 400 денари“, вели домаќинка која со години прави зимница.
Кај туршијата, киселите краставички и мешаните салати математиката е нешто подобра. Од поголемо количество зеленчук се добиваат повеќе тегли, а нема долги часови печење и пржење. Затоа економските аналитичари оценуваат дека токму овие зимници сè уште имаат појасна финансиска смисла.
И навиките се менуваат.
„Не се купува на големо како некогаш. Род има, ама нема кој да купи“, забележува продавачка на пазар.
Некогаш се земаа цели вреќи пиперки, гајби домати и десетици килограми краставички. Денес сè почесто се прави половина тура. Десет тегли наместо дваесет. Малку ајвар, малку туршија, колку да има.
Зимница ќе има и годинава. Македонска куќа тешко се откажува од неа.
Само што теглите повеќе не се бројат само кога ќе се наредат во подрумот. Сега се бројат и денарите што влегле во нив.
Б.З.М.



