ПочетнаЕКОНОМИЈАЈапонија планира четврти последователен рекорден буџет за 2027-ма

Јапонија планира четврти последователен рекорден буџет за 2027-ма

Буџетот на Јапонија за фискалната 2027-ма година би можел да достигне околу 143 трилиони јени (893 милијарди долари според актуелниот девизен курс), објави агенцијата Кјодо.

Буџетот се зголемува четврта година по ред и во 2027-ма година ќе биде најголем во историјата на земјата. За фискалната 2026-та година изнесуваше 122,3 трилиони јени (околу 764,3 милијарди долари).

Меѓу министерствата, најголем дел од средствата ќе бидат насочени кон Министерството за здравство, труд и социјална политика – рекордни 36,58 трилиони јени. Тоа се должи на наглото зголемување на трошоците за социјална заштита поради брзото стареење на населението.

Предлог-буџетот, кој се очекува да биде подготвен до крајот на годината, сè уште може да се зголеми, имајќи предвид дека трошоците, вклучително и оние за одбрана, за повеќе ставки нема да бидат конечни додека не завршат преговорите меѓу владејачките партии, додава Кјодо.

Рекорден буџет од 8,9 трилиони јени за одбрана

Јапонското Министерство за одбрана денеска побара рекорден буџет од 8,9 трилиони јени (48 милијарди евра), пренесе Франс прес.

Конечниот буџет на Министерството за фискалната година која започнува во април 2027-ма година, сепак, би можел да достигне 10 трилиони јени, објави весникот Никеј, повикувајќи се на пратеник од владејачката коалиција.

Во исто време, Токио спроведува голема модернизација на својата одбрана со цел да се справи со зголемените тензии со соседните земји, како што се Кина, Северна Кореја и Русија.

Во своето барање за буџетот, Министерството става акцент на борбата против „новите форми на војување“, како што се вештачката интелигенција, дроновите и ракетите со долг дострел.

Јапонското Министерство за одбрана се надева дека ќе создаде систем за поддршка на донесувањето одлуки базиран на вештачка интелигенција, а исто така сака да набави евтини дронови кои би можеле заеднички да дејствуваат со ракети со долг дострел за неутрализирање на непријателски цели.

Министерството планира и развој на хиперсонични ракети што би се лансирале од подморнички платформи, како и формирање нова единица чија цел ќе биде зајакнување на капацитетите за одбрана од таканаречената когнитивна војна – растечка закана насочена кон обликување на јавното мислење преку дезинформациски кампањи и други операции за влијание.

Со ова буџетско барање за фискалната година која започнува во април 2027-ма година, Јапонија продолжува со напорите за зајакнување на своите воени капацитети како одговор на нестабилната геополитичка состојба.

На тој начин земјата постепено се оддалечува од својата традиционална пацифистичка позиција, која ја ограничуваше употребата на сила исклучиво на целите на самоодбраната.

Оваа постепена промена се случува во услови на брзо зголемување на кинеските воени капацитети и продолжениот развој на севернокорејските ракетни и нуклеарни програми, што ја поттикнаа Јапонија да ја зајакне својата одбрана.

Војната што Русија ја води во Украина дополнително ја зголеми загриженоста кај јапонските политички лидери. Тие стравуваат дека сличен конфликт би можел да избувне и во Источна Азија, со оглед на зголемениот притисок што Кина го врши врз Тајван, како и продлабочувањето на нејзините територијални спорови со Јапонија.

Сумата што јапонското Министерство за одбрана ја побара во понеделникот е нешто над претходниот рекорд од 8,8 трилиони јени, побаран за тековната фискална година, која ќе заврши на крајот на март 2027-ма година.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП