Русија годинава ќе го намали производството на нафта, што е поврзано со непланираните ремонти на рафинериите, изјави пред новинарите на маргините на Економскиот форум во Владивосток рускиот вицепремиер Александар Новак, пренесува ТАСС.
Новак не изнесе конкретни податоци за производството, но истакна дека станува збор за привремена состојба која ќе биде надмината кога руските рафинерии повторно ќе започнат со работа.
„Reuters“, сепак, објавува дека има увид во нацрт-прогноза за развојот на нафтениот сектор во периодот од 2026-та до 2029-та година. Конечниот документ треба да биде подготвен до крајот на септември и ќе се користи при изработката на буџетот за следната година.
Според податоците што ги објави „Reuters“, во основното сценарио на прогнозата производството во 2026-та година ќе се намали за околу 17 милиони тони, на 494 милиони тони, односно 9,8 милиони барели дневно. Тоа би било најниско ниво од 2009-та година.
Новак посочува дека извозот во 2026-та година останува стабилен, што исто така е поврзано со рафинериите кои не работат. Во нацрт-прогнозата се наведува дека извозот ќе достигне 245 милиони тони, во споредба со 231 милион тони во 2025-та година.
Според податоците на руското Министерство за финансии, приходите од нафта во рускиот буџет во август се намалиле за 22 отсто на годишно ниво, на 326 милијарди рубљи, односно 3,76 милијарди долари.
Тоа е најниското ниво од февруари, односно пред почетокот на војната во Иран, која во пролетта ја зголеми цената на руската нафта од сортата „Уралс“ до 95 долари за барел.
Сега цената на руската нафта падна под 60 долари за барел.
Русија, исто така, го запре извозот на горива поради недостигот на домашниот пазар – мерка која важи од почетокот на летото до крајот на 2026-та година. Забраната за извоз на дизел гориво е продолжена до крајот на септември.
Поради тоа, во прогнозата се очекува пад на извозот на горива на 98,5 милиони тони, односно за 27,3 милиони тони помалку.
Според руското издание „Комерсант“, 60 отсто од договорите за испорака на гориво склучени на Санктпетербуршката стокова берза во периодот од мај до септември не биле реализирани.
Добавувачите како причина ги наведуваат обврските за испорака на гориво до „приоритетни клиенти“ – одбранбената индустрија, државните институции и земјоделството. Купувачите не можат да бараат компензација.
Нафтените компании, сепак, добиваат субвенции од владата со цел да ги одржат ниски цените на горивата на домашниот пазар, и покрај високите цени на светските пазари.
Според пресметките на „Bloomberg“, направени врз основа на податоци од руското Министерство за финансии, во текот на 2026-та година досега се исплатени 916 милијарди рубљи, односно околу 10,5 милијарди долари.
Во интервју за „Русија 24“, вицепремиерот Новак изјави и дека трошоците за ремонтите и мерките за заштита од нови напади со дронови се на товар на нафтените компании и не влијаат врз цените на горивата.
„Цените на горивата на бензинските пумпи имаат социјална функција и се усогласуваат со стапката на инфлација“, изјави Новак.
На Форумот во Владивосток и рускиот претседател Владимир Путин ги истакна напорите што нафтените компании ги преземаат за заштита на рафинериите од напади со дронови.
Според Путин, мерките веќе даваат резултати и втора ноќ по ред Русија ги одбила сите напади врз рафинериите.
„Станувало збор за вкупно пет напади“, изјави Путин, цитиран од ТАСС.



