„Renault“ ги претстави унапредувањата за „Scenic E-Tech“, три години по премиерата на овој електричен кросовер.
Моделот сега добива нова „LFP“ батерија, побрзо полнење, понапредни безбедносни системи и интеграција на технологијата „Google Gemini AI“.
Промените однадвор се скромни. Scenic добива нови црни детали на браниците, фелни од 19 и 20 инчи и две нови бои – „Satin Blue Slate“ и „Exo Galaxy Grey“.

Поголеми дизајнерски промени, вклучително и можна нова маска инспирирана од моделот „Megane“, се очекуваат подоцна.
Во кабината најголемата новина е интеграцијата на „Google Gemini AI“ во мултимедијалниот систем „openR link“, како замена за „Google Assistant“.
„Renault“ со автомобилот обезбедува и 2 GB мобилни податоци месечно во период од три години.

Унапредена е и безбедносната опрема.
Нова камера го следи заморот на возачот и овозможува негово препознавање, додека системите за помош при возење овозможуваат попрецизно следење на сообраќајот околу возилото, подобро одржување во сообраќајната лента, автоматско запирање доколку возачот не реагира и понапредна функција за предвидливо еколошко возење.
Поголем досег и побрзо полнење
Најважните промени се кријат под каросеријата. „Scenic E-Tech Comfort Range“ сега користи LFP батерија со капацитет од 67 kWh, која овозможува досег до 467 километри според WLTP-стандардот.
Тоа е 37 километри повеќе од претходно.
Поддржано е брзо полнење со моќност до 165 kW, па батеријата од 15 до 80 отсто се полни за само 24 минути.

Поголемата „NMC“ батерија со капацитет од 89 kWh, достапна во верзијата „Long Range“, сега овозможува досег до 642 километри, односно 17 километри повеќе од претходно.
Полнењето од 15 до 80 отсто трае 28 минути со полнач со моќност до 150 kW.
Двете верзии користат електромотор на предните тркала со моќност од околу 220 коњски сили.
„Renault Scenic E-Tech“ и понатаму се произведува во фабриката „ElectriCity“ во Франција, додека електромоторите исто така ги испорачува француска фабрика која се наоѓа во Нормандија.



