ПочетнаЕКОНОМИЈАСоларните панели не се вечни: Колку години траат и што правиме со...

Соларните панели не се вечни: Колку години траат и што правиме со нив кога ќе остарат?

Соларни панели никнуваат на покриви од куќи, магацини, фабрики и деловни објекти низ Македонија. За едни се начин да ја намалат сметката за струја, за други инвестиција што треба да се исплати во следните години. Но, кога ќе се спомне сончевата енергија, најчесто се зборува за заштедата. Поретко некој прашува што ќе се случи со панелите по 20, 25 или 30 години. Каде ќе завршат? И дали нешто што го нарекуваме „зелена енергија“ може еден ден да стане куп отпад?

Одговорот не е црно-бел.

Соларните панели додека произведуваат електрична енергија практично немаат емисија на јаглерод диоксид. Но, за нивното производство е потребна енергија. Треба да се произведат силициумот, стаклото, алуминиумската рамка, каблите и останатите компоненти, а дел од таа индустриска енергија сè уште доаѓа од фосилни горива.

Сепак, енергетската сметка релативно брзо се враќа. Во зависност од видот на панелот и местото каде што е поставен, потребни се приближно од пет до 25 месеци работа за системот да произведе онолку енергија колку што била потрошена за негово производство. После тоа, панелот продолжува да произведува струја со години.

Тука всушност лежи и економската логика.

„Колку подолго работи панелот, толку е поевтин секој произведен киловат-час“, објаснуваат познавачите на енергетиката.
Според нив, за едно македонско домаќинство не е пресудно само колку чини системот кога ќе се купи, туку колку години ќе работи без посериозна интервенција.

А може да работи долго.

Првите мрежно поврзани соларни системи во Европа биле поставувани уште во осумдесеттите години од минатиот век, а дел од нив и денес произведуваат електрична енергија. За поновите панели производителите неретко даваат гаранции што достигнуваат и до 30 години. Тоа не значи дека по триесеттата година панелот едноставно се гаси. Најчесто продолжува да работи, но со намалена ефикасност.

И дефектите не значат секогаш дека целиот систем мора да оди во отпад.

„Соларните модули се прилично робусни, а дефектите се ретки“, е оценката на стручните анализи.

Каблите, диодите и приклучните делови можат да се заменат. Проблемот е поголем ако се скрши предното стакло, на пример при силен град. Тогаш влагата може да навлезе во внатрешноста и да го намали капацитетот, па најчесто се менува целиот модул.

А што има внатре?

Најголемиот дел од панелот се стакло, алуминиум, пластични слоеви и силициумски ќелии. Кај одредени модели има и мали количества материјали што не треба неконтролирано да завршат во природата. Кај дел од кристалните панели, на пример, се користи олово, додека кај некои технологии со тенок слој се употребува и кадмиум. Количините се мали, но токму затоа стар панел не е нешто што треба да се остави покрај контејнер или да се фрли на дива депонија.

Кај исправните панели, според стручните процени, нема опасност штетните материи да завршат во животната средина.

Проблемот почнува на крајот од нивниот век.

Во земјите со развиен систем за рециклирање, прво се проверува дали стариот панел сè уште може да се користи или поправи. Ако не може, се отстрануваат алуминиумската рамка, каблите и приклучните кутии, а потоа материјалите се раздвојуваат. Стаклото, металите, бакарот и другите вредни суровини повторно можат да влезат во производство.

Токму тука Македонија ќе мора навреме да ја направи домашната задача. Денешните панели се утрешен отпад, само што тој отпад ќе пристигне по две или три децении.

Економистите посочуваат дека во тоа има и бизнис можност. Колку повеќе соларни системи се поставуваат, толку поголема ќе биде потребата од сервисирање, поправка, собирање и рециклирање. Значи, не станува збор само за тоа колку струја ќе произведеме денес, туку и дали ќе знаеме што да направиме со опремата утре.

Сонцето не праќа сметка. Панелите, сепак, имаат свој рок. А кога тој ќе истече, не би било лошо да знаеме каде ќе ги ставиме.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП