ПочетнаЕКОНОМИЈАСуровата реалност на македонскиот работник, има најниска плата во Европа, а плаќа...

Суровата реалност на македонскиот работник, има најниска плата во Европа, а плаќа најскапа храна од сите!

Сојузот на синдикати на Македонија подготви анализа за стандардот на македонските работници. Во нивното истражување се потврдува тезата со која синдикалците непрекинато алармираат за тешкиот живот на граѓаните кои живеат и работат во Македонија. Податоците се алармантни, работниците од земјава се со најниски плати во Европа, но плаќаат најскапи прехранбени производи.

Додека македонските работници се на дното во Европа по висината на платите, македонските семејства се на самиот врв по делот од своите средства што го трошат за најосновното, за набавка на храна, ова е податокот кој излезе од најновото истражување на ССМ.

Во нивната анализа се користени податоци од Евростат кои покажуваат дека во јануари 2026 година, 40,1% од вкупните трошоци на домаќинствата во Македонија се резервирани за набавка на храна и безалкохолни пијалоци. Тоа е највисок процент меѓу наведените европски држави.

„По Македонија следуваат Албанија со 34,46% и Косово со 32,75%, а за споредба, во Хрватска учеството на храната и безалкохолните пијалоци во трошоците на домаќинствата изнесува 21,76%, додека просекот на Европската Унија е 16,28%“, се наведува во истражувањето на ССМ.

Оваа пресметка е вистинската реалност со која синдикалците и натаму бараат властите да ги преиспитаат своите економски политики и да ги послушаат нивните намери, платите да се зголемат не денес, туку како што знаат да кажат – вчера.

Според последната Синдикална минимална кошница, за најнеопходното од храна и пијалоци, и тоа без алкохолни пијалоци и тутун, на едно четиричлено семејство му се потребни 25.032 денари, што претставува 36,4% од вредноста на Синдикалната минимална кошница.

Но, најстрашна е споредбата со минималната плата!

Само за најнеопходната храна и пијалоци за едно четиричлено семејство се потребни 25.032 денари, што претставува речиси 96% од минималната плата од 26.046 денари, или со други зборови, речиси целата минимална плата би била потребна само за храна и безалкохолни пијалоци за едно четиричлено семејство!

„А каде се, киријата или кредитот, струјата и греењето, водата, превозот, облеката, здравствените трошоци, образованието и сите останати основни потреби за живот? Дури и во однос на просечната плата, според пресметките на ССМ, за најнеопходното од храна и пијалоци за едно четиричлено семејство се потребни средства во висина од 55,3% од просечната плата“, велат од ССМ.

Податоците на Евростат и пресметките на ССМ користат различни методологии, но ја покажуваат истата сурова реалност, работниците во Македонија работат, а се сиромашни.

Синдикалците се на став дека ниските плати, а особено ниската минимална плата, не им овозможуваат на работниците и нивните семејства достоинствен живот. Македонија е на дното по висината на платите, а е на врвот по делот на семејниот буџет кој се троши за храна и пијалоци. Ова истражување го завршуваат со порака до власта дека – тоа не е успех, тоа е доказ дека платите се премногу ниски, а животот за работниците е премногу скап!

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП