Авионскиот билет е купен, куферите се спакувани, семејството е во автомобилот и тргнува кон Скопскиот аеродром. Но, таму почнува една друга пресметка. Каде да се остави автомобилот седум, десет или петнаесет дена и колку ќе чини тоа?
Токму од оваа мака на патниците во повеќе европски земји и во регионот се разви бизнис што на прв поглед не изгледа спектакуларно. Приватен паркинг во близина на аеродром, плус превоз на патниците до терминалот и назад.
Нема луксуз. Нема скапи излози. Практично, ви треба добар плац, обезбедување, осветлување, камери, ограда и едно возило за превоз на клиентите.
А ваков бизнис има логика и во околината на Петровец.
Само во 2025 година преку Скопскиот аеродром поминале 3.211.419 патници, што е раст од 8,7 проценти во споредба со претходната година. Просечно, терминалот опслужувал по 8.786 патници дневно.
Со други зборови, муштерии има.
Во моментов официјалниот паркинг на Скопскиот аеродром чини 1.000 денари за престој до 24 часа. За период од три до пет дена цената е 3.500 денари, а за пет до седум дена 4.500 денари. Секој дополнителен ден се наплаќа по 400 денари. На располагање има околу 1.200 означени паркинг-места.
Токму тука приватниот бизнис ја бара својата шанса.
Моделот е едноставен. Патникот преку интернет резервира место, доаѓа со автомобилот на приватниот паркинг неколку километри од терминалот, го остава возилото, а сопственикот или вработениот го носи до аеродром со комбе. Кога авионот ќе слета, повторно го зема од терминалот и го враќа до автомобилот.
Слични паркинзи во регионот функционираат токму на овој принцип.
„Клиентот го остава автомобилот, клучот може да си го земе со себе, а ние го носиме до аеродром. Го имаме бројот на летот, следиме кога слетува и го пречекуваме кога ќе се врати“, објаснува сопственик на ваков бизнис во регионот.
Најважната работа е локацијата. Паркинг на дваесетина километри од аеродромот веќе губи смисла. Но плац во Петровец или во околните населени места, со брз пристап до автопатот и терминалот, е сосема друга приказна.
Економистите посочуваат дека главната предност е што, откако еднаш ќе се направи инфраструктурата, трошоците можат релативно лесно да се контролираат.
„Ова не е бизнис во кој секој нов клиент бара нова голема инвестиција. Ако имате 50 паркинг-места, истата инфраструктура ја користите и кога имате десет и кога имате 45 автомобили. Клучот е колку често ќе ви се пополнува капацитетот“, објаснуваат економистите.
И тука почнува математиката. Ако приватен паркинг има 50 места и просечно наплаќа по околу 2.000 денари за повеќедневен престој, само едно целосно пополнување носи 100.000 денари приход. Ако во текот на месецот местата се сменат неколкупати, прометот веќе може сериозно да порасне.
Секако, прометот не е чиста заработка. Треба да се платат гориво, плати, струја, обезбедување, одржување, даноци и евентуална рата или закуп за земјиштето.
Регионалните искуства покажуваат дека кај разработен паркинг заработката и во послаб период може да се движи околу 1.500 евра месечно, додека во шпицот на летната сезона приходите можат да бидат значително поголеми. Кај еден поголем регионален пример, со капацитет од 130 автомобили, пресметката во целосно исполнета сезона покажувала повеќекратно повисок месечен промет.
Но има една работа што не може да се купи со ограда и камери. Довербата.
Луѓето оставаат автомобил вреден десет, дваесет или триесет илјади евра и заминуваат во странство една недела. Сакаат да знаат дека кога ќе се вратат, автомобилот ќе биде токму таму каде што го оставиле.
А кога тоа ќе функционира, следниот пат веќе не бараат паркинг на интернет.
Само се јавуваат: „Чувај ми место, летам во сабота“.
Б.З.М.



