Директните странски инвестиции во Германија пораснале за 50 отсто во 2025-та година во однос на претходната година, поттикнати од наглиот раст на инвестициите од Велика Британија, покажуваат пресметките на Германскиот економски институт (IW), кои ги пренесува „Reuters“. Зголемувањето го надоместило најголемиот дел од падот на инвестициите од американските компании.
Странските компании во Германија минатата година инвестирале околу 86 милијарди евра, врз основа на податоците на германската централна банка Бундесбанк за трансакциите поврзани со директните странски инвестиции, соопшти институтот.
Инвестициите во 2025-та година биле за речиси 11 отсто над медијаната за периодот од 2015-та до 2024-та година. Приливот на директни странски инвестиции може значително да варира од година во година.
Инвестициите од САД се намалиле за речиси 44 отсто во однос на претходната година, на 11,8 милијарди евра во 2025 година. Уделот на САД во вкупните странски инвестиции во Германија паднал на околу 14 отсто, од над 36 отсто во 2024-та година, според пресметките на аналитичарите.
Велика Британија станала најголем поединечен извор на странски инвестиции во Германија. Британските компании инвестирале 26 милијарди евра, што претставува раст од околу 284 отсто во однос на претходната година. Тие учествувале со речиси 31 отсто во вкупниот обем на инвестиции, со што ги надминале САД.
Другите земји од Европската Унија во Германија инвестирале околу 43 милијарди евра, и покрај падот од 2,7 отсто во однос на претходната година. Тоа претставува повеќе од половина од вкупниот прилив на странски инвестиции.



