Европските централни банкари си заминуваат од годишната средба со своите американски колеги далеку помалку уверени дека долгогодишните норми во меѓународната соработка остануваат недопрени. Тие се загрижени и дека претстојат нови потреси во и онака затегнатите односи со Вашингтон, велат за „Reuters“ извори запознаени со дискусиите.
Минатата недела претставниците на Федералните резерви вложија напори да ги смират загриженостите на своите колеги, ветувајќи дека ќе ги исполнат сите свои обврски.
Но, имајќи ја предвид поделбата меѓу централната банка и администрацијата, тие не можеле да понудат гаранции дека нема да дојде до ненадејни промени во политиката на претседателот Доналд Трамп, изјавија повеќе од половина дузина претставници во кулоарите на годишниот економски симпозиум во Џексон Хол, во анализа на „Reuters“.
Неодамнешните интервенции на американското Министерство за финансии во поддршка на јапонскиот јен и за намалување на долгорочните трошоци за задолжување во САД се особено загрижувачки, бидејќи може да најавуваат нови интервенции и отстапување од досегашните норми, велат претставниците, кои побарале да останат анонимни.
По трансакцијата поврзана со јенот на 1-ви август, американскиот министер за финансии Скот Бесент потврди дека неговото министерство продало евра за јапонската валута и рекол дека ги уверил централните банки во регионот оти станува збор за „едноставно прераспределување на ресурсите“. Во петокот тој изјави дека средствата во странска валута за купување јени биле обезбедени од Фондот за стабилизација на девизниот курс на Министерството за финансии.
Но, европските претставници биле особено вознемирени што САД однапред не ги предупредиле, како што вообичаено се прави, дека продажбата на евра е дел од трансакцијата, велат изворите.
„Тоа навистина беше многу фрустрирачки“, рекол еден од нив. „Секогаш го земаш телефонот и предупредуваш“. Според него, пораката е дека „САД прават што сакаат“.
Други биле поблагонаклонети и оцениле дека трансакцијата била толку невообичаена што можеби едноставно станувало збор за пропуст.
Портпаролите на Европската централна банка и Федералните резерви одбиле да коментираат за „Reuters“.
Американски претставник, пак, изјавил дека интервенцијата меѓу САД и Јапонија била преземена за да се спречат хаотичните движења на јенот и да се поддржи стабилноста на глобалните финансиски пазари.
„Таа не беше насочена кон никој друг“, рекол претставникот. Тој додал дека американското Министерство за финансии одржува „тесна и постојана комуникација“ со меѓународните партнери, но не ги коментира оперативните детали од тие разговори.
Загриженост околу откупот на долгорочниот долг
Изворите исто така изјавиле дека планот на Бесент за зголемување на откупот на долгорочни обврзници – трансакции кои би можеле да се финансираат со издавање повеќе инструменти со краткорочен рок – исто така бил причина за загриженост кај европските централни банкари.
Според нив, слично како и купувањето јени, ова покажува дека администрацијата била подготвена да преземе невообичаени мерки за ограничување на трошоците за задолжување.
„Овие интервенции обично нудат само привремено олеснување. Но, тие очигледно се загрижени. И што следува? Дали ќе извршат притисок врз Федералните резерви да почнат да купуваат обврзници на пазарот?“, реков втор извор.
Иако Федералните резерви се единствениот орган за монетарна политика во САД и по дефиниција се независни во својата мисија од избраната администрација, според изворите Трамп покажал подготвеност да вложи исклучителни напори за да ја наметне својата волја.
Нивната загриженост е дека тоа би можело да предизвика „потреси на пазарите“ кои би се прошириле далеку надвор од САД.
Американскиот претставник одговорил повторувајќи ги претходните ставови дека зголемениот откуп на долгорочни обврзници има цел да обезбеди поголема ликвидност во долгорочните сегменти, каде што Министерството за финансии добива квалитетни понуди за откуп.
„Ова не е монетарна политика ниту обид за поставување плафон на каматните стапки“, рекол претставникот.
Сепак, во четвртокот американското Министерство за финансии им соопштило на новинарите дека „навистина е фокусирано на намалување на приносите на овие долгорочни обврзници“, бидејќи тие се зголемиле над нивото што министерството го смета за „фер вредност“.



