ПочетнаЗДРАВЈЕЈапонците спијат помалку, а живеат подолго - нова студија открива која е...

Јапонците спијат помалку, а живеат подолго – нова студија открива која е нивната тајна

Со години, осум часа сон се сметаа за мерка за добро здравје, но искуството на Јапонците, кои спијат значително помалку, го доведува во прашање тоа правило. Нова студија сугерира дека не само бројот на часови поминати во спиење може да биде одлучувачки за долговечноста, туку и културните навики.

Во Јапонија, земја позната по својата исцрпувачка работна етика, просечниот сон трае едвај повеќе од шест часа. Во исто време, Јапонија има најдолг животен век меѓу развиените економии во светот и една од најниските стапки на дебелина.

Парадоксот на животот

Оваа загатка ги збунува научниците со децении, бидејќи бројни студии постојано го поврзуваат недостатокот на сон со полошо здравје, како што се срцеви заболувања и пократок животен век. Како е можно цела нација да го побие ова фундаментално медицинско правило?

Обемна студија објавена во списанието PNAS нуди одговор. Тим истражувачи, предводен од Кристин Оу и Стивен Хајн, анализирале податоци за спиењето и здравјето на речиси 5.000 луѓе од 20 земји, контролирајќи фактори како што се исхраната и пушењето. Тие поставиле клучно прашање: „Дали идеалната количина на сон е универзална?“ Резултатите откриле огромен опсег, од 6 часа и 18 минути во Јапонија до 7 часа и 52 минути во Франција, потврдувајќи дека спиењето навистина има културен печат.

Култура во навиките за спиење

Главниот наод на студијата е дека не постои магичен број што функционира за секого. Оптималното времетраење на спиењето поврзано со оптималното здравје значително варира од култура до култура. Истражувачите откриле дека луѓето се поздрави ако нивните навики за спиење се совпаѓаат со нормите на околината во која живеат.

Овој феномен, наречен „културно вклопување“, сугерира дека прилагодувањето кон социјалниот ритам го намалува практичниот и психолошкиот стрес што може да произлезе од несовпаѓање на распоредот. „Нашите основни физиолошки потреби се обликувани од нашата интеракција со културата“, објаснува Оу.

Неочекувани наоди за здравјето на нациите

Анализирајќи на национално ниво, студијата наиде на уште едно изненадување. Во земјите каде што луѓето спијат помалку, како Јапонија, тие немаат повисока стапка на срцеви заболувања, дијабетес или пократок животен век. Напротив, овие култури со „пократок сон“ имале пониски стапки на дебелина во споредба со нациите со подолг сон.

Добиените резултати укажуваат дека други фактори, како што се исхраната, физичката активност и социјалната кохезија, може да бидат од клучно значење за должината на животот. Јапонскиот модел го потврдува ова: исхраната богата со риба, дневното движење и културните обичаи го оптимизираат квалитетот на одморот.

Дозволена е попладневна дремка

Тајната не е само во сонот, туку и во начинот на живот што го опкружува. Јапонците даваат приоритет на квалитетот пред квантитетот. Традиционалните ритуали, како што се топлите бањи пред спиење, кои му помагаат на телото побрзо да се олади и да заспие во длабок сон, играат важна улога.

Спиењето на цврсти површини (футони на татами подлоги) поттикнува правилно порамнување на ‘рбетот и го намалува микро-будењето. Дополнително, попладневната дремка, позната како „инемури“, се културно прифатени и се сметаат за знак на напорна работа, а не за мрзеливост, овозможувајќи брза регенерација во текот на денот.

Сепак, ова истражување не сугерира дека секој треба да ги намали часовите за спиење. Всушност, во секоја од 20-те анализирани земји, просечната должина на спиењето била помала од она што се покажало како оптимално за здравјето во таа специфична култура.

Пораката е посуптилна: опсесијата со бројот осум е погрешна. Наместо строго да се придржуваме до универзално правило, треба да ги слушаме нашите тела и да разбереме дека идеалната количина на спиење е длабоко лична и обликувана од нашата околина. Како што заклучува Хајн, „начинот на кој ги задоволуваме нашите потреби за спиење е обликуван од културното учење“.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП