Нови поскапувања на производи и услуги забележаа државните статистичари. Официјалните податоци велат дека за дури 24,9% се поскапени услугите на поштите и куририте низ државата. Поскап е транспортот, услугите за комуникации, но и добар дел од производите кои граѓаните редовно ги набавуваат. Опозицијата обвинува за пасивност на власта во справувањето со инфлацијата, а пак власта возвраќа дека работите се под контрола.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека цените на услугите во второто тримесечје од 2026 година во однос на второто тримесечје од 2025 година се зголемиле за: 7.1 % кај копнениот и цевководниот транспорт, 5.2 % е зголемувањето во одделот телекомуникации, и високи 24.9 % кај поштенските и курирските услуги.
„Второто тримесечје од 2026, во споредба со второто тримесечје од 2025 година, цените на услугите во секторот за транспорт и складирање пораснале за 7.6 %. Според видовите транспорт, цените на копнениот и цевководниот транспорт бележат пораст од 7.1 %, а кај поштенските и курирските услуги бележат пораст од 24.9 %. Во истиот период, цените на услугите во секторот Информации и комуникации бележат пораст од 5.2 % во одделот Телекомуникации. Опфатени се секторите Ж – Услуги за транспорт и складирање и Ѕ – Услуги за информации и комуникации според Класификацијата на производите по дејности“, се наведува во извештајот на ДЗС.
Опозициската СДСМ ја обвини Владата дека не презема доволно мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните, оценувајќи дека високите цени и стагнацијата на приходите создаваат сè поголем притисок врз семејните буџети. Од партијата велат дека цените на производите со месеци се високи, додека трошоците за живот растат, а приходите на граѓаните не го следат тој тренд. СДСМ посочува и на растот на цените на горивата, при што дизелот надминал 100 денари за литар. Од партијата велат дека Владата не ги намалила акцизите, ниту ДДВ-то за горивата од 18 на 5 отсто.
„Потрошувачката кошничка со вклучена кирија достигнала речиси 90.000 денари, додека просечната плата се намалила за 1.163 денари. Владата води погрешни економски политики и недоволна заштита на стандардот. Намалувањето на цените на училишниот прибор нема значително да го намали финансискиот товар врз семејства“, велат од СДСМ.
Власта е комотна поради случувањата во економијата. Вели дека цените се намалуваат поради нивните политики. Очекувањата на владата се дека во периодот што следи дополнително ќе се стабилизира инфлацијата.
„Бројките несомнено се позитивен сигнал за движењата во економијата. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги следи економските движења и да креира мерки во интерес на граѓаните и нивниот животен стандард“, велат од Владата.
Економистите имаат став дека ваквата состојба се решава со раст на платите. Само на тој начин граѓаните ќе може да ја подобрат својата куповна моќ.
И.П



