Да најдете добар водоводџија во Скопје кога ќе пукне цевка понекогаш е потешко отколку да најдете слободен термин во банка. Телефоните ѕвонат, распоредите се полни, а реченицата „ќе можам следната недела“ веќе никого не изненадува. Мајсторите што навистина си ја знаат работата се сè помалку, работа не им недостига, а заработката кај дел од нив одамна ја надмина просечната македонска плата.
Според најновите официјални податоци, просечната нето плата во Македонија во јуни годинава изнесувала 48.381 денар. Анкетите за платите, пак, покажуваат дека просечната нето заработка во категоријата менаџмент се движи околу 63.000 денари месечно, иако разликите меѓу различните раководни позиции се големи.
Токму тука почнува интересниот дел. Искусен електричар, водоинсталатер, плочкар, гипсар, заварувач или друг добар занаетчија денес може да стигне до таква заработка, а ако работи самостојно и има полн распоред со клиенти, и да ја надмине.
Секако, не секој мајстор заработува толку.
Вработен мајстор во фирма има фиксна плата и сосема поинаква пресметка од човек што работи приватно, наплаќа по интервенција или презема цели објекти. Во огласите за работа веќе се појавуваа понуди од 40.000 до 60.000 денари за искусни заварувачи и бравари, со можност за повисока заработка во зависност од знаењето и учинокот.
Кај други дефицитарни професии сумите одат и повисоко. На почетокот на годинава за мајстор пекар во Скопје се посочуваше месечна плата од околу 70.000 денари, а работодавците и покрај таквите примања тешко наоѓаат квалификувани луѓе.
Причината е едноставна. Мајстори нема доволно.
Водоводџии, електричари, плочкари, молери, фасадери и гипсари со години заминуваат на работа во странство. Во исто време, помалку млади се одлучуваат да учат занает. Таа празнина денес најдобро ја чувствува секој што почнал да реновира стан или куќа.
Прво се бара мајстор. Потоа се бара термин. Дури потоа се разговара за цената.
„Не можам да постигнам. Луѓе ме бараат секој ден, а реално можам да бидам само на едно место“, вели искусен водоинсталатер со долгогодишна практика, опишувајќи колкава е побарувачката.
Од занаетчискиот сектор посочуваат дека поскапувањето на услугите не доаѓа само поради недостигот од работници. Поскапеа материјалите, алатот, транспортот и другите трошоци што ги има еден занаетчија.
„Причината за поскапување на услугата е поскапување на трошоците за репроматеријали и трошоците за водење занаетчиски бизнис“, посочуваат од занаетчискиот сектор.
Економистите ваквата состојба ја објаснуваат преку најобичното правило на пазарот. Кога некоја професија е дефицитарна, а побарувачката е голема, расте и цената на трудот. Работодавецот што итно му треба добар заварувач, електричар или инсталатер нема голем простор за избор. Ако не плати повеќе, работникот ќе најде друг ангажман.
Дополнителен проблем е што добар мајстор не се создава за неколку месеци. Потребни се години пракса, брзина, прецизност и доверба. Кај приватните мајстори препораката е практично најсилната реклама. Еден добро завршен стан носи втор клиент, па трет, па четврти. И набргу распоредот е полн со недели однапред.
Најновите анализи на пазарот на труд покажуваат дека водоводџиите, електричарите, молерите и плочкарите остануваат меѓу професиите каде работодавците и граѓаните сè потешко наоѓаат квалитетен кадар.
За граѓаните тоа значи поскапи поправки и повеќе чекање. За добрите мајстори значи нешто друго: повеќе работа, посилна позиција при договарањето и заработка која во дел од случаите веќе стои рамо до рамо со онаа во менаџерска канцеларија.
Дипломата можеби виси на ѕид. Ама кога ќе протече цевката, се бара бројот од водоводџијата.
Б.З.М.



