ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Македонија има 10 697 слободни работни места!

Во Македонија има 10 697 слободни работни места!

Според податоците на Државниот завод за статистика, во вторит квартал од 2026 година најмногу работници биле барани во услужните дејности и продажбата.

Најголемиот притисок го трпи секторот Сместување и послужување храна, каде што е регистрирана рекордна стапка на слободни работни места од дури 6.23 %. Ова покажува дека угостителските и туристичките објекти буквално „кубурат“ за кадар, соочени со комбинација од сезонски притисоци, ниски примања и масовно заминување на младите на работа во странство.

На спротивната страна на овој спектар се наоѓа секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде што стапката изнесува минимални 0.38 % – сектор кој традиционално важи за стабилен, со добро платени места и ниска флуктуација на работна сила.

Географски гледано, очекувано, Скопскиот Регион останува главниот економски магнет во државата. Со стапка од 2.30 % слободни работни места, главниот град ја предводи побарувачката, концентрирајќи го најголемиот дел од деловните активности.

Податоците откриваат дека кризата за кадар најсилно удира по „рбетот“ на македонската економија. Деловните субјекти кои вработуваат помеѓу 10 и 49 работници имаат највисока стапка на слободни места од 3.20 %. За разлика од големите корпорации кои имаат буџети за повисоки плати и бенефиции, овие менаџери се соочуваат со невозможна мисија да ги задржат луѓето.

Во петтата група занимања, Работници во услужни дејности и продажба, евидентирани се дури 2.980 отворени позиции.

Најновите податоци на Државниот завод за статистика велат дека во Македонија невработеноста е на ниво од 11,3 проценти. Во апсолутни бројки, во земјава има 90.020 невртаботени лица.

Прашањето кое природно се наметнува е: Зошто армијата од 90.000 невработени не ги пополнува овие празни места? Одговорот лежи во три клучни аномалии:

-Постои сериозно несовпаѓање меѓу она што го нуди образовниот систем и она што го бара реалниот сектор. Има вишок на дипломирани кадри со административни профили, а сериозен дефицит на стручни и занаетчиски профили.

-Значителен дел од регистрираните невработени се дел од сивата економија (работат „на црно“) или пак се пријавуваат во Агенцијата за вработување само поради остварување на социјални права и здравствено осигурување, без реална намера да прифатат понудена работа.

-Платите и условите во секторите каде што има најголем недостиг (како услугите и продажбата) честопати не се доволно стимулативни за да ги активираат пасивните баратели на работа.

Потребен е итен ремонт на политиките

Македонија веќе не се соочува со проблем на креирање работни места, туку со проблем на наоѓање луѓе. Овој парадокс е сериозна кочница за економскиот раст. Доколку бизнисите не можат да најдат работници во услужните дејности и продажбата, нивниот промет ќе стагнира. Решението ќе мора да се бара во брза преквалификација на невработените, зголемување на продуктивноста и платите, но и сериозна борба со сивата економија. Во спротивно, компаниите сè почесто ќе гледаат кон увоз на работна сила од странство како единствен спас за своите бизниси.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП