ПочетнаЕКОНОМИЈАНикола Јошевски: Финансискиот сектор не треба да создава само повеќе капитал, туку...

Никола Јошевски: Финансискиот сектор не треба да создава само повеќе капитал, туку подобри патишта тој да стигне до економијата

Небанкарското финансирање во Северна Македонија влегува во позрела фаза, со посилна регулаторна рамка, поголем фокус на одговорното кредитирање и сè поизразена улога на технологијата во начинот на кој граѓаните и компаниите пристапуваат до финансиски услуги.

Истовремено, соработката помеѓу традиционалното банкарство, небанкарските финансиски институции, штедилниците и fintech секторот станува сè попотребна и подинамична. Новите технологии го менуваат начинот на кредитирањето, европската регулатива поставува повисоки стандарди, а малите и средните компании бараат побрзи и пофлексибилни извори на капитал.

За тоа каде е денес небанкарскиот финансиски сектор, што треба да направи за да ја зајакне довербата, како вештачката интелигенција го менува кредитирањето и зошто иднината ја гледа во поголема соработка меѓу различните финансиски институции, разговараме со Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски институции при Стопанската комора на Северна Македонија.

Разговорот доаѓа во пресрет на MicroBalkans 2026, регионална конференција што на 24 и 25 септември во Скопје ќе собере повеќе од 200 финансиски експерти од 15 европски земји, под мотото „Lending Reimagined“.

Денар: Небанкарските финансиски друштва во последните години стануваат сè повидлив дел од финансискиот пазар. Каде е секторот денес? Дали сè уште треба да објаснува што е или веќе треба да покаже каква вредност создава?

Јошевски: Мислам дека секторот влегува токму во таа втора фаза. Повеќе не е доволно само да објаснуваме што претставува небанкарското финансирање. Треба да покажеме каква реална вредност создава за граѓаните, претприемачите, малите компании и за економијата во целина.

Небанкарските финансиски институции се регулиран дел од финансискиот систем и имаат јасна улога во него. Нивната улога не е да го заменат банкарскиот сектор, туку е комплементарна, односно можеме да одговориме на одредени потреби на клиентите со поголема флексибилност, брзина и употреба на технологија.

Следната фаза за секторот, според мене, е фаза на зрелост. Тоа значи повисоки стандарди, поголема транспарентност, повеќе технологија и уште поголема одговорност кон клиентот.

Денар: Сепак, небанкарското кредитирање во јавноста не секогаш има позитивна перцепција. Колку од одговорноста за тоа е на самите финансиски друштва?

Јошевски: Дел од одговорноста секогаш е на самиот сектор и тоа не треба да го избегнуваме.

Довербата не се бара. Таа се заслужува, со транспарентни услови, јасна комуникација, фер однос кон клиентите и доследно почитување на правилата.

Затоа сметам дека регулацијата и високите стандарди не треба да ги гледаме како ограничување на развојот. Напротив, постоењето на систем со конкретни правила на игра е основа за доверба и предуслов за зрел и одржлив пазар.

Клиентот мора однапред и недвосмислено да знае што добива, колку тоа ќе го чини и кои се неговите обврски. Одговорното кредитирање не е само регулаторно прашање. Тоа е деловен модел што треба да создава долгорочен однос со клиентот, а не краткорочен резултат.

Денар: Каде во тој систем го гледате односот меѓу банките, штедилниците и небанкарските финансиски институции? Како конкуренција или како простор за поголема соработка?

Јошевски: Финансискиот систем е премногу комплексен за да го гледаме само низ логиката на конкуренција.

Банките, штедилниците и небанкарските финансиски институции имаат различни модели, различни капацитети и различни предности. Токму затоа гледам голем простор за комплементарност и соработка.

Банките располагаат со капитал, мрежа и долгогодишно искуство. Штедилниците имаат значајна улога во пристапот до финансии и блискоста со одредени сегменти на клиенти. Небанкарските финансиски институции носат флексибилност, брзина и силна дигитална компонента. Fintech компаниите дополнително внесуваат технологии што го менуваат целиот процес.

Не верувам дека иднината ќе ја дефинира една институција или еден модел. Ќе ја дефинира способноста различните сегмнети од финансискиот систем подобро да се надополнат и поврзат.

Денар: Особено често се зборува за пристапот до капитал за микро, малите и средните претпријатија. Каде небанкарскиот сектор може да направи најголема разлика?

Јошевски: Малите компании немаат исти финансиски потреби во секоја фаза од својот развој. Некогаш станува збор за инвестиција, некогаш за обртни средства, сезонска потреба, нова опрема или можност за раст што мора брзо да се искористи.

Токму затоа економијата има потреба од повеќе различни канали за финансирање.

Не станува збор за избор меѓу банка и небанкарска финансиска институција. Различни финансиски институции можат да одговорат на различни потреби во различни моменти од животниот циклус на една компанија.

Колку е има поголема и подиверзифицирана понуда на пристап до финансии, толку се поголеми шансите добрата деловна идеја да стане инвестиција, нов производ, ново работно место или компанија што ќе расте.

Денар: Финансиската инклузија е една од темите што често се поврзуваат со небанкарското финансирање. Каде е границата меѓу поголема достапност и ризикот од неодговорно задолжување?

Јошевски: Токму тука се гледа зрелоста на финансискиот систем.

Финансиската инклузија не значи кредит по секоја цена. Таа значи луѓето и компаниите да имаат пристап до соодветни, разбирливи и одговорно понудени финансиски услуги.

Поголемата достапност мора да оди заедно со добра процена на кредитоспособноста, транспарентност, заштита на потрошувачите и финансиска писменост.

Целта не е само повеќе луѓе да добијат пристап до финансии. Целта е тој пристап да им помогне да донесат подобра финансиска одлука.

Денар: Вештачката интелигенција и податоците веќе го менуваат кредитирањето. Каде ја гледате најголемата промена?

Јошевски: Промената веќе се случува. Вештачката интелигенција и анализата на податоци можат значително да ја подобрат процената на ризик, откривањето измами, моделите за процена на кредитоспособноста, персонализацијата на услугите и брзината со која се носат одлуките.

Тоа е особено важно кај клиентите и малите компании за кои традиционалните модели понекогаш располагаат со ограничена кредитна историја.

Но брзината не смее да биде единствената критериум за донесување на одлука.

Колку повеќе одлуки носиме врз основа на алгоритми и податоци, толку поважни стануваат прашањата за приватноста, безбедноста, можната пристрасност на моделите, објаснивоста на одлуките и заштитата на клиентот.

Технологијата може да ја автоматизира одлуката, но не може да ја преземе одговорноста за неа.

Тоа ќе биде едно од клучните прашања за финансискиот сектор во следните години.

Денар: Европската регулатива поставува сè повисоки стандарди за финансиските институции и fintech секторот. Дали домашниот пазар е подготвен за тоа?

Јошевски: Ќе мора да биде, бидејќи европската интеграција не е само политички процес. Таа значи постепено приближување кон европската регулатива , стандарди и практики и во финансискиот сектор.

Тоа бара инвестиции во технологии, усогласеност со регулативата, управување со податоци, заштита на потрошувачите и институционален капацитет.

За секоја сериознакомпанија тоа не треба да биде закана. Повисоките стандарди создаваат предлидив пазар, поголема доверба и подобри услови за долгорочни инвестиции.

Ако сакаме домашните финансиски компании да бидат конкурентни и надвор од националниот пазар, тогаш усогласувањето со европските стандарди треба да го гледаме како дел од развојната стратегија, а не само како регулаторна обврска.

Денар: Токму овие теми ќе бидат во фокусот на MicroBalkans 2026. Зошто е важна регионалната соработка кога станува збор за иднината на финансирањето?

Јошевски: Земјите од Западен Балкан имаат различни пазари, но многу слични предизвици. Пристапот до капитал, дигиталната трансформација, европската регулатива, финансиската инклузија, заштитата на потрошувачите и потребата од поголема поддршка за малите и средните компании се прашања со кои се соочуваме сите.

Нема економска логика секој од нас изолирано да бара решение за истите проблеми.

Регионалната соработка ни овозможува да споредуваме модели, да учиме од практиките што функционираат, да поврзуваме компании со инвеститори и развојни институции и да создаваме интегриран и повидлив финансиски простор.

Токму затоа е значајно што Групацијата на небанкарски финансиски институции и двете штедилници во земјава кои се дел од Стопанската комора, се членки на Алијансата за Западен Балкан, заедно со групациите од Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово, Хрватска и Србија . Во тоа е и големината на МикроБалканс, тоа е регионална платформа која функционира помеѓу две конференции и создава основа дијалогот да не завршува со конференцијата, туку да продолжи преку конкретни партнерства.

Денар: По Сараево и Дубровник, третото издание на MicroBalkans доаѓа во Скопје под мотото „Lending Reimagined“. Што сакате да остане како резултат по 25 септември?

Јошевски: Би сакал да остане нешто повеќе од успешна конференција.

„Lending Reimagined“ за мене значи да престанеме да размислуваме за кредитирањето само како производ и да почнеме да го гледаме како дел од инфраструктурата за економски развој.

Денес не е доволно само да постои капитал. Прашањето е колку е достапен, колку е паметно насочен, колку технологијата го олеснува пристапот до него и дали регулативата истовремено овозможува иновација и ја штити довербата на клиентите.

Во Скопје ќе имаме финансиски институции, регулатори, инвеститори, fintech компании и развојни партнери од регионот и Европа на едно место. Тоа е можност да преминеме од констатирање на проблемите кон партнерства и решенија.

Прашањето веќе не е дали финансискиот сектор ќе се менува. Прашањето е колку брзо ќе изградиме систем во кој капиталот, технологијата и регулативата ќе работат заедно во корист на реалната економија и секој еден поединец.

Ако MicroBalkans 2026 придонесе кон тоа, тогаш Скопје нема да биде само домаќин на конференција, туку место од кое започнал важен регионален разговор за следната фаза на финансискиот сектор.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП