Кинескиот технолошки гигант „Huawei Technologies Co“ забележа значителен пад на профитот, соочувајќи се со растечки трошоци за меморија, додека истовремено пренасочува сè повеќе ресурси кон истражувања во областа на полупроводниците, објави „Bloomberg“.
Нето-добивката на „Huawei“ во првата половина од годината се намали за 36 отсто, на 23,81 милијарди јуани (3,54 милијарди долари), додека приходите пораснале за 10 отсто, достигнувајќи 468 милијарди јуани (69 милијарди долари).
Компанијата ги зголемила и трошоците за истражување и развој, кои во овој период достигнале 121 милијарда јуани (18 милијарди долари).
„Huawei“ најголем дел од приходите ги остварува преку телекомуникацискиот бизнис и уредите за потрошувачи. Компанијата е во центарот на напорите на Пекинг за развој на сопствено производство на полупроводници и сопствени чипови за вештачка интелигенција.
Целта на Кина е да го намали јазот создаден поради ограничениот пристап на „Nvidia“ до кинескиот пазар.
Неодамна „Huawei“ претстави технолошки план со кој се обидува да ги надмине последиците од американските санкции, кои ѝ го ограничија пристапот до напредни полупроводници и опрема за производство на чипови.
Во мај, главниот извршен директор на бизнисот со полупроводници на „Huawei“, Хе Тингбо, изјави дека компанијата во иднина би можела да произведува напредни чипови што би можеле да им конкурираат на најсовремените силиконски компоненти произведени од „TSMC“.
Тоа би се постигнало со користење на таканаречената технологија „LogicFolding“, за која компанијата тврди дека може да ја избегне потребата од најнапредните системи за екстремна ултравиолетова литографија на „ASML“.
Во првата половина од годината „Huawei“ направила големи набавки на суровини со цел да се спротивстави на растечките трошоци. Тоа довело до негативен паричен тек од 39,9 милијарди јуани (5,9 милијарди долари) и дополнително го зголемило притисокот врз профитот.
Сепак, стратегијата ѝ помогнала на компанијата да се спротивстави на забавувањето на побарувачката за потрошувачка електроника, што негативно влијаеше врз резултатите на големи производители, меѓу кои „Apple“ и „Xiaomi“.
„Нuawei“ во голема мера се воздржа од зголемување на цените на своите смартфони, и покрај брзиот раст на цените на мемориските чипови.
Продажбата на смартфони на Huawei во Кина пораснала за 19 отсто за време на промотивната кампања во периодот од мај до јуни. Со тоа „Huawei“ станала единствениот производител на мобилни телефони кој забележал раст во тој период.
Компанијата сега е водечки бренд на смартфони во Кина, со пазарен удел од повеќе од 20 отсто.
Во септември „Huawei“ треба да претстави нов смартфон кој ќе го користи нејзиниот чип „Kirin“, кој, според најавите, ќе биде првиот силиконски чип произведен со технологијата „LogicFolding“.



