Вашингтон можеби доминира во вестите, но Европа се враќа по жешкото лето со свои проблеми. Пазарите внимателно следат три работи: напнатата буџетска сезона на Стариот континент, сè погласните повици за заеднички долг во еврозоната и трендовите меѓу супербогатите од источната страна на Атлантикот, пишува колумнистот на „Reuters “, Наик Долан.
Сезоната на државните буџети во Европа започнува во септември и продолжува во текот на есента, што обично е нервозен период за пазарите на државни обврзници во еврозоната.
Оваа година инфлацијата, поттикната од нафтениот шок во Иран и последователното зголемување на каматните стапки од страна на Европската централна банка како реакција, заедно со последиците од нестабилните пазари на американските и јапонските државни хартии од вредност, ја прави есента понапната од вообичаено.
Сликата дополнително ја усложнува хаотичната внатрешнополитичка состојба во трите најголеми економии на еврозоната, што го отежнува и усвојувањето на буџетите.
Франција особено се издвојува поради претстојните претседателски избори во 2027-ма година и реалната можност кандидат од крајната десница или крајната левица да влезе во Елисејската палата по изборите во април.
Давиде Онелиа од „TS Lombard“ смета дека постои реален ризик тоа да го забави постигнувањето договор за претстојниот буџет, со можност буџетот да не биде одобрен до истиот период следната година. Дополнително зголемување на дефицитот за 0,5 процентни поени би го доближило до нивото во САД од околу 6 отсто од БДП.
Приносот на 10-годишните француски државни обврзници е на највисоко ниво во последните 18 години, премијата на задолжувањето во однос на германските државни обврзници се врати на нивото од пред две години, во екот на последната буџетска криза, а акциите на француските банки, кои бележеа силен раст, поевтинуваат.
Политичкиот пејзаж и буџетскиот процес во Италија се значително постабилни во последните години, за што сведочи историски невообичаената ситуација приносот на 10-годишните италијански обврзници да се тргува под оној на француските.
Но, 2027-ма година може да биде потешка за Рим, бидејќи се појавија шпекулации за општи избори уште во април – во периодот кога и Франција ќе гласа – додека десничарската премиерка Џорџа Мелони е под притисок од „Futuro Nazionale“, нова партија која е уште подесно ориентирана од нејзината коалиција.
Ниту политичката состојба во Германија не е појасна. Иако нема федерални избори, следниот месец ќе се одржат уште три покраински избори, кои, според Карстен Бжески од ING, го одредуваат „политичкото време“ во Берлин.
Популарноста на канцеларот Фридрих Мерц е ниска, а крајнодесничарската партија AfD има силна поддршка во анкетите во најмалку две од овие покраини.
Ако пазарите на еврообврзници станат понервозни – или ако стравувањата на глобалниот пазар на обврзници се прелеат и во Европа – колку брзо ќе почнат шпекулациите за активирање на Инструментот за заштита на трансмисијата (TPI) на ЕЦБ, со цел да се ограничат прекумерните разлики во приносите меѓу еврообврзниците?
Заеднички обврзници?
Дури и ако „TPI“ не биде активиран или не биде доволен за да ја смири бурата на пазарот, ризиците би можеле повторно да го насочат вниманието кон заедничкото издавање еврообврзници.
Во последните години беа изнесени бројни предлози за заеднички гарантирани обврзници на еврозоната или на Европската Унија, а најновиот извештај на оваа тема беше објавен оваа недела на веб-страницата „VoxEU“ на „CEPR“.
Економистите сметаат дека реформата на фискалните рамки на ЕУ од 2024-та година и натаму е недоволна во две области: при длабока рецесија, рамките нудат премалку фискална флексибилност за да спречат дефлаторна стагнација, а можеби и премногу за да ги смират стравувањата во врска со одржливоста на националниот долг.
Во извештајот се наведува дека „заеднички фискален капацитет, финансиран преку еврообврзници, би можел да ги ублажи двата крајни ризика“.
„Според овој предлог, стабилизацијата при вонредни заеднички шокови се префрла на ниво на еврозоната, додека одговорноста за националниот долг останува целосно национална“, додаваат економистите.
Надвор од случаите на сериозни шокови, економистите сметаат дека еврообврзниците би можеле да се користат за финансирање големи европски инвестициски програми – на сличен начин како што заедничкиот долг се користи од почетокот на пандемијата во 2020-та година.
Но, користењето заеднички долг за буџетски цели наидуваше на отпор повеќепати во 27-те години од постоењето на еврото.
Можеби моментот конечно пристигна – иако токму раздвоената европска политика, која повторно ја става оваа идеја во преден план, би можела да се покаже како истата нестабилност што ги прави заедничките акции помалку веројатни.
Евромилијардери
Германскиот инвеститор Клаус-Михаел Кине, мнозински акционер во швајцарската логистичка групација „Kuehne + Nagel“, почина во понеделникот на 89-годишна возраст.
Според податоците, неговите удели во повеќе компании биле вредни околу 44 милијарди долари, со што се најде на седмото место меѓу најбогатите луѓе во Европа според листата на „Forbes“.
Тоа го отвори прашањето колку милијардери – инвеститори, менаџери или претприемачи – има во Европа во споредба со САД и дали јавните политики треба да заземат став кон создавањето на ваква супербогата класа.
Ребека Кристи, виш научен соработник во институтот „Bruegel“, овој месец пишуваше за предностите и недостатоците на супербогатите – тема која на многумина им изгледа скандалозна со оглед на огромниот обем на богатството и нееднаквоста.
„Изгледа апсурдно дека на некој човек му е потребно толку богатство колку што натрупале некои магнати. Сепак, постојат јасни придобивки од економскиот динамизам што го поттикнал нивниот подем. Сега политичарите треба да сфатат како да ги привлечат, да ги оданочуваат и да ги регулираат“, напиша таа.
Но, ако мислите дека Европа значително заостанува зад САД во овој поглед, бројките би можеле да ве изненадат.
Според „Forbes“, бројот на милијардери во САД изнесува 989, додека во Европа во целина – вклучително со Велика Британија и Швајцарија, како и земјите од ЕУ – има 875 милијардери.



