Лондон е европската престолнина со најскапи недвижности, покажуваат податоците од извештај на „Deutsche Bank“, цитиран од „Euronews“.
Според анализата на банката, просечната цена на квадратен метар во британската престолнина изнесува 17.200 евра. На второ место е Париз со 12.700 евра, односно 35 отсто поевтино од Лондон, а потоа следува Виена со 12.400 евра за квадратен метар.
Во извештајот се споредени цените на недвижностите во централните делови на 69 градови, од кои 28 се во Европа.
Како дестинации со најевтини недвижности меѓу европските престолнини се издвојуваат Атина, со просечна цена од 3.440 евра за квадратен метар, и Истанбул, каде што квадратен метар чини околу 2.600 евра. Пред нив е белгиската престолнина Брисел, која е и седиште на голем број европски институции, со просечна цена од 4.300 евра за квадратен метар.
Гледано во целина, најскапите станови и куќи во централните градски подрачја се наоѓаат во Цирих, со просечна цена од 22.900 евра за квадратен метар, и Женева, со 19.000 евра.
Тоа значи дека стан со просечна големина од околу 80 квадратни метри во центарот на Цирих чини приближно 1,8 милион евра.
Во Германија, најскап недвижносен пазар во централното градско подрачје има Минхен, каде што просечната цена изнесува околу 11.400 евра за квадратен метар. Во Берлин квадратен метар чини околу 7.600 евра.
Прага е меѓу поскапите престолнини во Источна Европа, со просечна цена од 8.350 евра за квадратен метар. Сепак, таа е поевтина од Копенхаген, Стокхолм и Осло, каде што квадратен метар станбен простор во центарот во просек чини околу 10.000 евра.
Во Варшава просечната цена изнесува 5.400 евра за квадратен метар, додека во Будимпешта е околу 5.200 евра.
Ако европските градови се споредат со сите 69 градови опфатени во анализата на „Deutsche Bank“, Цирих е на второто место, веднаш зад Хонгконг, каде што просечната цена достигнува 23.700 евра за квадратен метар.
На спротивниот крај од листата се Каиро, каде што квадратен метар чини просечно 784 евра, и Јоханесбург, со 913 евра.



