ПочетнаТЕХНОЛОГИЈА„Android 17“ воведува четири нови заштити за побезбедни „Wi-Fi“, мобилни и интернет-врски

„Android 17“ воведува четири нови заштити за побезбедни „Wi-Fi“, мобилни и интернет-врски

„Android 17“ воведува четири нови мрежни заштити кои треба да ја зголемат приватноста и безбедноста на интернет, „Wi-Fi“ и мобилните врски.

„Google“ се фокусирал на сокривање на податоците за веб-страниците што ги посетува корисникот, подобра контрола на пристапот до локалната мрежа, побезбедна проверка на сертификатите и дополнителна заштита од напади кои ги злоупотребуваат старите 2G мрежи.

Првата голема промена е поддршката за „Encrypted Client Hello“ (ECH). Дури и кога корисникот пристапува до веб-страница преку HTTPS-врска, името на доменот што го посетува може да остане видливо за мрежниот оператор или за некој што го прислушува сообраќајот. „ECH“, во комбинација со функцијата „Private DNS“, го шифрира името на веб-страницата уште на почетокот на воспоставувањето на врската.

На тој начин, на веб-страниците и во апликациите, интернет-провајдерите и оние што го следат мрежниот сообраќај многу потешко ќе можат да утврдат кои услуги ги користи корисникот. „Google“ наведува дека „Android 17“ е првиот голем мобилен оперативен систем со широка поддршка за „ECH“.

„Android 17“ дополнително ограничува што можат да гледаат апликациите на мрежата

Втората новина е „Local Network Protection“, која во „Android 17“ сега се применува како задолжителна заштита. Апликациите повеќе нема да можат без дозвола да ја скенираат локалната „Wi-Fi“ мрежа и да проверуваат кои други уреди се поврзани на неа.

Тоа значи дека апликацијата ќе мора да побара дозвола пред да се обиде да пронајде или да воспостави врска со други уреди во домашната мрежа.

За вообичаени задачи, како испраќање видео на телевизор, програмерите ќе можат да користат системска алатка преку која корисникот го избира саканиот уред, без апликацијата да добие пристап до целосниот список на уреди поврзани на мрежата.

Третата заштита се однесува на дигиталните сертификати. „Android“ од самиот почеток ја вклучува функцијата „Certificate Transparency“, што значи дека сертификатите мора да бидат евидентирани во јавен регистар.

Со тоа се намалува можноста компромитиран издавач на сертификати незабележано да овозможи создавање лажен сертификат кој би можел да се искористи за пресретнување на интернет-сообраќајот.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП