ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАПред да притиснете „купи“: Ова се најопасните замки кај криптовалутите

Пред да притиснете „купи“: Ова се најопасните замки кај криптовалутите

Во Македонија сè почесто може да се слушне истата приказна. Некој купил биткоин пред неколку години и заработил, друг вложил во непозната криптовалута по совет од социјалните мрежи и останал со речиси празна сметка. Крипто-пазарот нуди можност за заработка, но токму брзите промени на цените го прават место каде што почетниците можат многу лесно да платат скапа лекција.

Најголемата грешка, според познавачите на овој пазар, е купувањето само затоа што некоја криптовалута нагло поскапува. Тогаш најчесто се јавува стравот дека шансата ќе помине. Се отвора апликацијата, се префрлаат парите и се купува. Без проверка кој стои зад проектот, за што служи токенот и зошто неговата цена воопшто расте.

А токму тука почнува проблемот.

„Не вложувајте пари без кои не можете“, е еден од основните совети што го даваат познавачите на крипто-индустријата.

Причината е едноставна. Кај криптовалутите нема гарантиран принос, а цената на некој дигитален имот може за кус период силно да порасне, но и исто толку брзо да падне.

Економистите предупредуваат дека особено ризични се новите и недоволно познати криптовалути кои одеднаш стануваат хит на интернет. Голем број следбеници, популарна објава или позната личност што спомнала одредена валута не значат дека зад проектот постои сериозен бизнис.

Пред вложување треба да се провери кој го создал проектот, какво искуство има тимот, за што конкретно треба да служи криптовалутата, колку монети ќе бидат пуштени во оптек и дали со неа се тргува на поголеми и познати платформи. Тоа не го отстранува ризикот, но барем го намалува купувањето „на слепо“.

Познавачите посочуваат дека е важно и инвеститорот однапред да знае што сака. Едно е некој да купува со намера да го чува вложувањето со години, а сосема друго да се обидува да заработи од краткорочните дневни движења на цените. Во вториот случај ризикот е уште поголем, особено за човек кој првпат влегува на пазарот.

„Останатите главно губат“, предупредуваат познавачите кога станува збор за оние што се обидуваат да го погодат вистинскиот момент кај криптовалути чија цена нагло се крева.

Посебна приказна се измамите. Лажни инвестициски платформи, пораки за „сигурна заработка“, ветувања дека некој ќе ви ги удвои парите и луѓе што бараат пристап до крипто-паричникот се црвено светло. Никој што управува со вистинска платформа нема потреба да го знае приватниот клуч или тајната фраза со која се пристапува до паричникот.

За македонските граѓани има уште една работа што не треба да се заборави, а тоа е данокот.

Според актуелните насоки на Управата за јавни приходи, приходите од тргување со криптовалути се третираат како капитална добивка од нематеријален имот. Ако при продажба или размена е остварена капитална добивка, таа треба да се пријави преку системот за електронски даночни услуги во роковите утврдени со закон.

УЈП наведува дека при размена, обврска постои кога вредноста на она што е добиено е поголема од вредноста на криптовалутата што е дадена.

Тоа значи дека добрата евиденција е важна. Кога е купена криптовалутата, по која цена, кога е продадена или заменета и колкава била вредноста на трансакцијата.

На крипто-пазарот најскапата грешка обично не е тоа што некој не ја купил „следната голема валута“. Многу почесто е тоа што вложил пари во нешто што не го разбирал, затоа што некој му рекол дека цената може само нагоре.

А на финансиските пазари, особено на крипто-пазарот, „само нагоре“ не постои.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП