Турција постепено ја губи репутацијата на евтина туристичка дестинација, бидејќи растот на цените ги тера странските туристи, но и самите Турци, да размислуваат за поевтини алтернативи.
Во последните неколку лета, Дона и Дејв Нидем од Велика Британија редовно ја избирале Турција за одмор, привлечени од нејзината репутација како достапна дестинација во близина на Европа. Но, при овогодишната посета на турското медитеранско крајбрежје, забележале огромна разлика во цените во споредба со претходните години, пишува „Bloomberg“.
Британското семејство повеќе не можело да си го дозволи одморалиштето што го посетувале порано, а и активностите во кои уживале за време на одморите станале значително поскапи.
За 15 минути возење со водени скии годинава требало да платат 90 фунти, односно околу 122 долари. Само една година претходно истата активност чинела 20 фунти.
Семејството Нидем, кои се наставници и водат мала туристичка агенција, велат дека од 2021 година петпати патувале во Турција со своите деца.
„Турција нема да биде нашиот прв избор следната година“, вели Дона Нидем.
Лирата и инфлацијата ги менуваат цените
Една од причините за поскапувањето е монетарната политика на Турција. Темпото на слабеење на турската лира се одржува под нивото на инфлацијата.
Властите се обидуваат да спречат дополнително слабеење на валутата да предизвика уште поголем раст на цените за домашното население. Но, таквата политика истовремено ја прави Турција поскапа за странските посетители кои трошат евра, фунти или долари.
Туроператорите и туристичките агенции велат дека комбинацијата од повисоки цени и геополитичката неизвесност, вклучително и близината на конфликтот во Иран, влијае врз интересот за Турција.
„Многу луѓе ја доживуваа Турција како евтина дестинација. Тоа веќе не е така. Луѓето доаѓаат и сè уште поминуваат убаво, но повеќе не е толку евтино“, вели Тони Басоглу, кој управува со трговска компанија и изнајмува вили во провинцијата Анталија.
Сè помалку туристи од Европа
Податоците на турското Министерство за култура и туризам покажуваат дека бројот на странски туристи се намалил за 3,6 отсто на годишно ниво во мај, за четири отсто во јуни и за уште 0,3 отсто во јули.
Меѓу најголемите падови се издвојува бројот на европските туристи.
Бројот на туристи од Велика Британија во јули бил за 11 отсто помал во споредба со истиот месец минатата година. Британците се третата најголема група странски посетители во Турција.
Туристичката компанија „Holiday Extras“ забележува дека дел од туристите кои порано ја избирале Турција сега се пренасочуваат кон поевтини дестинации, меѓу кои Словенија, Црна Гора и Тунис.
И Турците бараат поевтин одмор
Промената не се однесува само на странските туристи.
Сè повеќе Турци почнуваат да размислуваат за одмор во странство, бидејќи во одредени случаи патувањето во соседна Грција или во друга земја може да биде поевтино од летувањето во сопствената држава.
Според најновите податоци на Турскиот статистички институт, бројот на домашни туристички патувања во 2025-та година бил помал во споредба со претходната година. Тоа е првиот пад откако започна пандемијата на ковид-19.
Помалку туристи, но поголема потрошувачка
И покрај намалувањето на бројот на странските посетители, туристичките приходи на Турција засега не покажуваат ист тренд.
Причината е што туристите кои доаѓаат во земјата трошат повеќе пари. Туризмот во 2025-та година придонел со 4,1 отсто во бруто домашниот производ на Турција.
Приходите во странска валута од туризмот се особено важни за турската економија, бидејќи помагаат во одржувањето на надворешната рамнотежа и стабилизацијата на лирата.
Но, за инвеститорите во туристичкиот сектор вистинскиот проблем не е само бројот на посетители.
„Проблемот е зачувувањето на маржите под притисок на растечките трошоци и валутната политика“, вели Емре Нарин, заменик-директор на „Marti Otel Isletmeleri“, компанија која управува со туристички објекти на турската ривиера.
Според него, војната во Иран дополнително ја отежнала ситуацијата бидејќи избила во периодот кога туристите најмногу резервираат летни одмори.
„Сезоната започна колебливо, но бизнисот се подобри во јули“, вели Нарин.
Така, Турција се соочува со нов предизвик: земјата и натаму привлекува милиони туристи, но сè потешко може да се претставува како евтина туристичка дестинација.



