ПочетнаКОМПАНИИ„Google“ ја менува политиката за спам за да избегне глоба од ЕУ

„Google“ ја менува политиката за спам за да избегне глоба од ЕУ

„Google“ на „Alphabet“ соопшти дека ја менува својата политика за спам во Европа, со цел да одговори на забелешките на Европската унија, поради кои технолошкиот гигант би можел да биде казнет, објави „Reuters“.

Американската технолошка компанија се најде под лупата на европските регулатори откако издавачи на вести поднесоа жалби поврзани со нејзината политика за злоупотреба на репутацијата на веб-страниците.

„Google“ е обвинет дека не презема доволно мерки против практиката на објавување страници од трети страни на популарни веб-страници, со цел да се искористи нивната подобра позиција во резултатите на интернет-пребарувачите.

Станува збор за практика позната како „паразитско SEO“ – користење на авторитетот и сигналите за рангирање на еден веб-сајт за подобро позиционирање на содржина што потекнува од друга страна.

Европската комисија претходно соопшти дека нејзиното следење покажало оти „Google“ го намалува рангирањето на веб-страниците и содржината на новинарските издавачи во резултатите од пребарувањето кога тие страници содржат материјали од комерцијални партнери.

Според Европската комисија, политиката на „Google“ директно влијае врз легитимното право на издавачите да остваруваат приходи од своите веб-страници и содржини.

Од компанијата соопштија дека од 30-ти август мерките за намалување на позицијата на веб-страниците во резултатите од пребарувањето нема да се применуваат за корисниците во земјите членки на ЕУ, како и во Исланд, Норвешка и Лихтенштајн.

Политиката на „Google“ во останатите земји од Европскиот економски простор нема да биде променета, додава компанијата.

Европската комисија започна истрага против „Google“ во рамките на Законот за дигитални пазари, токму поради политиките на компанијата поврзани со спам.

Прекршувањето на Законот за дигитални пазари може да резултира со високи казни за технолошките компании, кои може да достигнат до 10 отсто од нивниот глобален годишен приход.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП