ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАКуќа на село наместо стан во Скопје: Цените ја менуваат сметката

Куќа на село наместо стан во Скопје: Цените ја менуваат сметката

Стан од шеесетина квадрати или куќа со двор на дваесетина минути од градот? Оваа дилема сè почесто се појавува кај купувачите во Македонија, особено откако цените на становите во поголемите градови стигнаа до нивоа кои за многу семејства се тешко достижни. Куќите во селските и приградските населби повторно стануваат интересни, а најдобро поминуваат местата до кои може брзо да се стигне со автомобил.

Податоците од пазарот покажуваат дека куќите воопшто не се спореден играч во трговијата со недвижности. Во третиот квартал од 2025 година тие учествувале со 14 проценти во вкупните трансакции со недвижности во земјава. Само за куќи во тој период биле потрошени околу 3,7 милијарди денари, односно приближно 60 милиони евра.

Интересен е и примерот со Битола. Таму во истиот период биле продадени 71 куќа и 68 станови, што значи дека куќите дури ја надминале продажбата на станови. Во Скопје сликата е поинаква, со 1.092 продадени станови и 252 куќи, но токму високите цени во главниот град туркаат дел од купувачите кон периферијата.

„Луѓето бараат повеќе простор, двор и локација која сепак не е далеку од градот“, објаснуваат познавачи на пазарот на недвижности.

Не се бара баш секоја куќа на село. Локацијата решава многу.

Посебно интересни се населбите и селата околу Скопје, од каде секојдневното патување до работа не претставува голем проблем. Агентите за недвижности регистрираат зголемен интерес за Сопиште, а побарувачката веќе влијае и врз цените на земјиштето. Во овој реон квадратен метар плац достигнува најмалку околу 80 евра, додека во Волково понудата на плацеви се движи приближно од 35 до 70 евра за квадрат.

На поскапите локации приказната е сосема друга. На Водно, Нерези и во Бардовци цените на атрактивните парцели можат да надминат и 200 евра за квадратен метар. Тоа веќе не е евтина алтернатива на станот, туку пазар за купувачи со подлабок џеб.

Но, ако се оди малку подалеку од најбараните скопски населби, изборот станува поголем. Огласите за недвижности покажуваат стотици куќи што се продаваат под опис или пребарување поврзано со село, со понуда во Скопско, Штипско, Битолско, Струмичко, Кумановско, Гевгелиско и во други делови од земјата.

Цената, сепак, не кажува сè.

Стара куќа може на прв поглед да изгледа како одлична зделка, но потоа доаѓаат покривот, водоводот, струјата, прозорците, греењето, фасадата. И одеднаш евтиниот имот веќе не е толку евтин.

„Кај постарите куќи купувачот мора однапред да пресмета колку ќе чини реновирањето. Тоа често е клучно за конечната одлука“, велат луѓе од бизнисот со недвижности.

Интересот за руралните средини не е сосема нов. Уште претходно агенциите забележуваа купувачи кои бараат плацеви и имоти во Кучково, Зелениково и други места надвор од строгото градско подрачје, како и семејства кои станот го заменуваат со куќа.

Причината денес е уште појасна. Становите во Скопје продолжија силно да поскапуваат, а во дел од најатрактивните новоградби цените веќе надминуваат 3.000 евра за квадратен метар.

И тогаш математиката почнува да изгледа поинаку. Наместо мал стан, дел од купувачите почнуваат да пресметуваат куќа, двор, автомобил и дваесетина минути возење.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП