До неодамна важеше едно непишано правило: ако имаш многу пари, купуваш нов автомобил. По можност најнов модел, со опрема по нарачка и мирис на фабрика. Но навиките се менуваат. И тоа не само кај просечниот купувач. Сè повеќе луѓе со високи примања гледаат кон пазарот на половни возила, а причината не е дека одеднаш решиле да штедат на автомобилот.
Причината е многу попрактична. Добар половен автомобил може да се земе веднаш, најголемиот пад на вредноста веќе го платил првиот сопственик, а за истите пари често се добива модел од повисока класа.
Овој начин на размислување сè повеќе може да се забележи и во Македонија.
Податоците од Царинската управа покажуваат колку силно половните автомобили го држат домашниот пазар. Само во првите седум месеци од 2026 година биле увезени 27.782 употребувани патнички автомобили, наспроти 8.832 нови. Во целата 2025 година биле увезени 46.805 употребувани и 13.654 нови патнички автомобили.
Секако, најголемиот дел од тие половни возила не завршуваат кај богатите. Но економистите велат дека логиката по која купувачот избира половен автомобил веќе не е резервирана само за луѓето со ограничен буџет.
„Човек што има пари не мора по автоматизам да сака да изгуби голема сума само затоа што автомобилот излегол од салон. Кај поскапите модели, тој пад на вредноста може да биде сериозен“, објаснуваат економски познавачи на автомобилскиот пазар.
Токму амортизацијата е еден од главните аргументи.
Кај некои луксузни автомобили вредноста може значително да падне уште во првите години. Во анализите на пазарот се посочува пример со одредени модели на „Ролс Ројс“, кај кои падот на вредноста може да достигне околу 20 проценти уште по напуштањето на продажниот салон, а по неколку години да биде многу поголем.
За купувач што има пари, но знае да смета, тоа значи едно: некој друг веќе ја платил најскапата амортизација.
Во Македонија тоа лесно се гледа на огласите. Наместо нов автомобил од средната класа, купувач со поголем буџет може да бара неколку години стар премиум модел со богата опрема, кожен ентериер, посилен мотор и релативно мала километража. За дел од клиентите изборот е едноставен. Нов и поскромен или половен и класа погоре.
Познавачите велат дека особено се бараат автомобили стари две до пет години, со проверлива сервисна историја и добра опрема.
„Кога човек располага со 30.000 или 40.000 евра, изборот веќе не е само меѓу нови автомобили. За тие пари на пазарот на половни возила може да најде автомобил кој како нов чинел многу повеќе“, посочуваат трговци и познавачи на автомобилскиот бизнис.
Има уште една причина – достапноста.
Проблемите со производството и долгите рокови за испорака во претходните години покажаа дека дури и купувач со доволно пари понекогаш мора да чека со месеци за точно конфигуриран нов автомобил. Кај некои луксузни марки во одредени периоди листите на чекање достигнуваа и шест месеци. Тоа го зголеми интересот за речиси нови автомобили што веќе се физички достапни.
Во светот на луксузните автомобили веќе се развија и официјални програми за сертифицирани половни возила. Автомобилите поминуваат детални проверки, добиваат гаранција, а понекогаш и помош на пат. Така купувачот добива половен автомобил, но без класичниот страв дали купува „мачка во вреќа“.
Истата логика полека се пробива и кај македонските купувачи со подлабок џеб. Не се гледа само годината на производство. Се проверуваат километри, сервисна историја, состојба, опрема и цената по која автомобилот ќе може повторно да се продаде.
На крајот, парите не исчезнуваат кога некој станува богат. Напротив, често токму тогаш повеќе се пресметува каде вреди да се платат.
А автомобил стар три години, добро сочуван и за десетици илјади евра поевтин од нов?
За сè повеќе купувачи тоа веќе не звучи како компромис.
Б.З.М.



