Да се најде добар готвач во Македонија веќе не е едноставна работа. Рестораните отвораат огласи, ги повторуваат, ја креваат платата, а искусниот кадар и натаму е тешко достапен. Професијата што некогаш важеше за тешка и слабо платена денес може да донесе солидна заработка, а за оние што навистина го знаат занаетот сумите одат и далеку над она што се смета за вообичаена плата во угостителството.
Податоците од истражувањата за плати покажуваат дека најголем дел од готвачите во Македонија земаат нето плата од околу 30.000 до 61.000 денари месечно. Околу десет проценти заработуваат повеќе од тој износ. Разликите, сепак, се големи. Не е исто дали некој е помошник во кујна, самостоен готвач, пица-мајстор или човек што ја води целата кујна.
Актуелните огласи уште подобро покажуваат колку се растегна пазарот. За работа во кујна има понуди од 35.000 до 60.000 денари, додека за готвач во Скопје во изминатиот период можеше да се најде и оглас со плата од 40.000 до 90.000 денари. За работа во брза храна, пак, се нудат почетни плати од околу 35.000 денари, плус оброк и други додатоци.
Со други зборови, добриот готвач денес може да преговара.
Познавачите на пазарот на труд велат дека причината е едноставна. Луѓе има, но искусни работници што можат самостојно да изнесат цела смена има сè помалку. Во екот на летната сезона дел од нив заминуваат во Хрватска, Црна Гора, Грција, Словенија или на работа на бродови. Домашните ресторани тогаш остануваат со ист број гости, а со помалку луѓе во кујната.
„Работникот не бега само поради пари. Бега и од хаос. Ако не знае кога е слободен, ако секој викенд е на работа, ако празник му е најтежок ден во неделата, тогаш првата шанса за заминување ќе ја искористи“, објаснуваат економисти што ја следат состојбата на пазарот на труд.
Токму работното време е другата страна на високите плати. Работата во професионална кујна нема многу заедничко со готвењето дома. Во шпиц, за кратко време треба да излезат десетици различни нарачки. Се работи на нозе, во топлина, под притисок, а грешката веднаш се гледа на масата на гостинот.
Затоа и почетник тешко може веднаш да стигне до највисоките суми. Работодавачите најмногу го плаќаат човекот кој не само што знае да готви, туку може да организира работа, да ги контролира порциите, да ја следи залихата, да работи брзо и да одржува ист квалитет кога ресторанот е полн.
„Не е веќе проблем само колку плаќаш. Луѓето бараат услови, слободно време и перспектива“, велат работодавачи, посочувајќи дека само повисока плата веќе не е доволна за добар работник да остане.
Побарувачката, во меѓувреме, не попушта. Готвачите се меѓу профилите што редовно се бараат на македонскиот пазар, а само во Скопје во август има десетици активни огласи во угостителството, меѓу кои и за готвачи, салатери и кујнски помошници.
За човек без искуство, тоа значи дека влезот во професијата е релативно отворен. За искусен готвач, пак, ситуацијата е уште подобра. Ако знае што прави, ако може самостојно да ја држи кујната и ако зад себе има години работа, платата од 60.000 денари веќе не е недостижна граница. Во подобро платените позиции може да се оди и кон 80.000 или 90.000 денари.
Но тие пари не се земаат само за добро сварено јадење. Се плаќаат брзината, дисциплината, искуството и способноста кога ресторанот е полн, нарачките се редат една врз друга, а од салата довикуваат дека гостите чекаат.
Тогаш се гледа кој навистина е готвач.
Б.З.М.



