Русија воведе строги ограничувања на буџетските расходи поради кризата со ликвидноста и финансискиот притисок предизвикан од војната во Украина, според извори запознаени со ситуацијата на кои се повикува „Bloomberg“.
Владата вовела строг режим на штедење откако министерот за финансии Антон Силуанов го предупредил премиерот Михаил Мишустин дека овој месец нема да има доволно средства за навремено да се извршат сите потребни плаќања, тврдат изворите на агенцијата блиски до руската влада.
Со зголемувањето на притисокот врз рускиот буџет, владата ги намалува другите планирани расходи во обид да ја зачува ликвидноста и да го ограничи федералниот буџетски дефицит.
Мерките за штедење, кои се применуваат од април, довеле до намалување за 35 отсто на финансирањето на буџетските области, со исклучок на трошоците за војната, платите на вработените во јавниот сектор и војската, социјалните програми, поддршката за регионалните власти и сервисирањето на државниот долг.
Владата, исто така, им наложила на федералните агенции да се подготват за намалување на бројот на вработените за 15 отсто и да ги одложат сите трошоци што не се сметаат за неопходни, наведуваат изворите.
Владата и Министерството за финансии не одговориле на барањата на „Bloomberg“ за коментар.
Според изворите на агенцијата, дефицитот на федералниот буџет достигнал 5,5 трилиони рубљи, односно околу 65,3 милијарди долари, на единствената федерална буџетска сметка во Министерството за финансии. На оваа сметка владата ги обединува федералните приходи и од неа повлекува средства за покривање на расходите.
Притисокот предизвикан од проблемите со ликвидноста достигнал врв во април, во период кога приходите на Русија од нафта се зголемиле на највисоко ниво во последните шест месеци поради повисоките цени на нафтата поврзани со војната меѓу Иран и Израел.
Негативното салдо на единствената федерална буџетска сметка е невообичаена појава, смета поранешниот заменик-министер за финансии Олег Вјугин. Тој објаснува дека руската влада со години одржувала позитивни парични салда за да обезбеди непречено финансирање на буџетските расходи.
„Министерството за финансии традиционално привремено ги инвестира слободните средства во различни финансиски инструменти како дел од управувањето со ликвидноста“, вели Вјугин, додавајќи дека тоа е стандардна практика со децении.
Сепак, ситуацијата засега не се смета за критична, бидејќи Русија би можела да продолжи да ги финансира воените расходи уште неколку години, според изворите на „Bloomberg“.
Агенцијата претходно објави дека претставници на Министерството за финансии и на централната банка го предупредиле Кремљ дека трошоците за војната стануваат сè потешки за поднесување. Во исто време, претставници на одбранбениот сектор бараат дополнително финансирање.
Русија ги троши резервите за кризно време во својот Фонд за национална благосостојба за да помогне во покривањето на буџетскиот дефицит. Вкупната вредност на фондот во јули се намалила за 9,24 милијарди долари во однос на претходниот месец, на 159,3 милијарди долари – најниско ниво од септември минатата година. Ликвидните средства со кои Русија може најлесно да располага се намалиле на 46,2 милијарди долари.
Продажбата на руско злато ги намали златните резерви на земјата на најниско ниво од јануари 2020-та година на крајот на јули. Сепак, вкупните меѓународни резерви на Русија се зголемиле за 5,6 милијарди долари, на 761,2 милијарди долари, во неделата до 21-ви август, соопшти централната банка.
Рускиот претседател Владимир Путин го игнорира влијанието на украинските напади врз руската економија, додека Кремљ се подготвува дополнително да ги засили нападите врз Украина.
Според најновите интерни проценки на руското Министерство за финансии, малку е веројатно дека буџетскиот дефицит ќе се намали до крајот на годината, а постои можност тој дополнително да се зголеми.
Во исто време, Русија го зголемува скапиот домашен долг, бидејќи Кремљ сè повеќе се потпира на задолжување за да ја финансира војната во Украина.



