Јапонија потрошила 15,4 трилиони јени, односно околу 96 милијарди долари, за поддршка на својата национална валута во периодот од крајот на јули до крајот на август, соопшти Министерството за финансии. Тоа е најголемата месечна интервенција на девизниот пазар во историјата на земјата.
Јапонската централна банка интервенирала на девизниот пазар по налог на Министерството за финансии, со цел да ги ограничи економските последици од наглите промени на девизниот курс, пренесува АФП.
Јенот ослабува поради разликата меѓу каматните стапки во Јапонија и САД, високите цени на нафтата, како и стравувањата дека плановите на премиерката Санае Такаичи за зголемување на јавната потрошувачка дополнително ќе го зголемат огромниот државен долг на Јапонија.
Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека интервенциите биле спроведени меѓу 30-ти јули и 26-ти август, но не се наведуваат точните датуми на трансакциите.
На 31-ви јули Токио и Вашингтон спровеле прва заедничка интервенција во последните 28 години за поддршка на јенот, откако јапонската валута паднала на најниско ниво во последните четири децении.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги потврдил координираните активности на почетокот на август, за време на летот со претседателскиот авион „Ер форс 1“. Тој ги опишал како „знак на пријателство“ кон Јапонија и како нешто што е „добро за светската економија“.
Операцијата за купување јени следела откако валутата во јули паднала на 163,99 јени за еден долар, што било најслабо ниво од 1986-та година. На 31-ви јули курсот се зајакнал на 157,40 јени за долар, што било најсилно ниво од почетокот на мај.
Во моментот на објавувањето на податоците, еден долар се разменувал за околу 159,6 јени.
Јулската интервенција била прва заедничка валутна интервенција на САД и Јапонија од 2011-та година. Тогаш двете земји, заедно со други членки на Г7, продавале јени за да го ограничат наглото зајакнување на јапонската валута по разорниот земјотрес во Јапонија.
Последен пат Вашингтон и Токио заеднички купувале јени во 1998-ма година.
Експертите сметаат дека администрацијата на Трамп ја поддржала операцијата и поради настојувањето да се намали американскиот трговски дефицит, бидејќи послаб јен им дава предност на јапонските извозници. Дополнителен фактор е и обврската на Јапонија да инвестира 550 милијарди долари во САД, согласно трговскиот договор од 2025-та година.
Слабиот јен им одговара на големите јапонски извозници, како што се „Sony“ и „Toyota“, но истовремено го поскапува увозот во Јапонија, која располага со ограничени природни ресурси. Тоа особено се однесува на нафтата, во период кога војната на Блискиот Исток ги ограничува испораките од Персискиот Залив.
Јенот и понатаму е под притисок и покрај претходните интервенции и предупредувањата на министерката за финансии Сацуки Катајама дека Јапонија е подготвена да преземе дополнителни мерки.
Со нив властите се обидуваат да ги одвратат инвеститорите од шпекулации дека јенот би можел дополнително да ослабне.



