ПочетнаКОМПАНИИ„Salesforce“ ги зголеми годишните прогнози и го проширува партнерството со „Anthropic“

„Salesforce“ ги зголеми годишните прогнози и го проширува партнерството со „Anthropic“

„Salesforce“ ги зголеми годишните прогнози за приходите и профитот и претстави нов приклучок што ги комбинира можностите на компанијата со моделите за вештачка интелигенција Claude на „Anthropic“. Веста предизвика раст на акциите на „Salesforce“ од 14 отсто во продолженото тргување, пренесува „Reuters“.

Иницијативата, наречена „Claudeforce“, претставува проширување на партнерството меѓу двете компании, воспоставено во јуни, и доаѓа во период кога „Salesforce“ се соочува со исклучително негативно расположение на инвеститорите кон акциите на софтверските компании, поради стравувањата од промените што ги носи вештачката интелигенција.

„Salesforce“, која е и инвеститор во „Anthropic“, во вториот квартал пријави коригиран профит од 2,53 долари по акција од своите стратешки инвестиции. Тоа, меѓу другото, придонело коригираниот профит на компанијата да се зголеми повеќе од двојно, на 5,90 долари по акција.

Профитот по акција бил поддржан и од намалувањето на бројот на акции во оптек како резултат на откупот на сопствените акции, како и од силните оперативни резултати.

„Salesforce“ забрзано ги развива алатките базирани на вештачка интелигенција и автономните агенти кои можат да автоматизираат задачи во продажбата, корисничката поддршка и маркетингот – области што компанијата ги гледа како главен двигател на идниот раст.

Приходите во кварталот што завршил на 31-ви јули пораснале за 11 отсто, достигнувајќи 11,35 милијарди долари.

Компанијата сега очекува приходи во фискалната 2027-ма година меѓу 46,1 и 46,4 милијарди долари, во споредба со претходната прогноза од 45,9 до 46,2 милијарди долари.

Зголемената прогноза за годишните приходи на „Salesforce“ се должи на стабилниот раст на „Agentforce“, „Data 360“ и „Slack“, кои ја надоместуваат продолжената нестабилност кај вкупните приходи од лиценци, изјави финансиската директорка Робин Вашингтон за време на разговорот по објавувањето на финансиските резултати.

Во новата прогноза е вклучен и очекуваниот придонес од претстојното завршување на преземањата на „Contentful“ и „Fin“, чие купување беше објавено во јуни, а трансакциите се очекува да бидат финализирани во следните недели.

„Некои големи зделки објавени во текот на последниот квартал придонесуваат за овие бројки, но истото важи и за поголемата достапност на готови и полесни за имплементација агенти со вештачка интелигенција“, изјави Ребека Ветеман, извршна директорка на аналитичката компанија „Valoir“.

„Salesforce“ исто така ја зголеми прогнозата за годишниот коригиран профит по акција на меѓу 16,67 и 16,71 долар. Претходната прогноза беше во распон од 14,06 до 14,12 долари по акција.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП