„Nvidia“ објави прогноза за приходите која ги разочара дел од инвеститорите, иако технолошкиот гигант забележа повеќе од двојно зголемување на приходите во вториот фискален квартал.
Резултатите дополнително ги засилија сомнежите околу темпото на инвестициите во вештачката интелигенција, објави „Bloombeg“.
Во вториот квартал „Nvidia“ остварила прилагодена заработка од 2,22 долари по акција, при приходи од 96,2 милијарди долари. Нето-добивката изнесувала 54,1 милијарди долари.
Очекувањата на Волстрит биле нешто пониски – прилагодена заработка од 2,09 долари по акција и приходи од 92,3 милијарди долари.
Најголем дел од приходите, дури 89 милијарди долари, доаѓаат од бизнисот со центри за податоци. И овој сегмент бележи повеќе од двојно зголемување на приходите на годишно ниво. За споредба, пред една година тој генерирал нешто повеќе од 41 милијарда долари.
Овие бројки покажуваат колку „Nvidia“ зависи од огромните инвестиции во инфраструктура за вештачка интелигенција и од технолошките гиганти кои ги финансираат тие инвестиции, меѓу кои се „Amazon“, „Google“ и „Microsoft“.
За третиот квартал компанијата очекува приходи меѓу 105,8 и 110,1 милијарди долари. Пазарот, сепак, очекувал уште подобра прогноза.
„Nvidia“ очекува и бруто-маржата да биде околу 74 проценти.
По објавувањето на резултатите, акциите на компанијата паднале за околу 2 проценти во тргувањето по затворањето на берзата.
Ладната реакција на инвеститорите доаѓа во момент кога расте скептицизмот околу огромниот бум на вештачката интелигенција. По години на исклучително брз раст, дел од инвеститорите стравуваат дека на пазарот се создава потенцијален балон.
Дополнителна загриженост предизвикуваат и бројните инвестициски договори на „NVIDIA“ со компании од секторот на вештачката интелигенција. Според дел од аналитичарите, ваквите меѓусебно поврзани, односно „кружни“ трансакции би можеле да го направат секторот поранлив.
„Nvidia“ е водечки производител на чипови за вештачка интелигенција, а нејзината пазарна вредност ја прави една од највредните компании во светот. Токму затоа нејзините квартални резултати се сметаат за еден од најважните показатели за состојбата и перспективите на целата индустрија.
„Вештачката интелигенција достигна пресвртна точка. Таа врши корисна работа. Нејзините токени се продуктивни и профитабилни. Сега пресметувањето генерира приходи“, изјави извршниот директор на „Nvidia“, Џенсен Хуанг.
Тој додава дека побарувачката продолжува да расте.
„Пред една година само една лабораторија го движеше развојот. Денес сме во златна ера на нови лаборатории и стартапи за вештачка интелигенција, со повеќе водечки лаборатории кои паралелно се прошируваат, развиен екосистем на отворени модели и физичка вештачка интелигенција која почнува да се применува, со силен импулс во САД и низ целиот свет“, вели Хуанг.
Според него, изградбата на инфраструктурата за вештачка интелигенција продолжува со полна пареа.



