Турција очекува до крајот на годинава да преработи еден тон злато од својот најнов рудник во Агри, во источниот дел на земјата. Во следната година се очекуваат три тони, а во период од пет години вкупно 17 тони злато.
Ова го соопшти турскиот потпретседател Џевдет Јилмаз на свеченото отворање на рудникот, во изјава која во живо ја пренесуваше Анадолската агенција, а ја цитира БТА.
„Инвестициите во наоѓалиштето Агри Молакaра изнесуваат 250 милијарди долари. Оваа година очекуваме да бидат преработени еден тон злато, а во планираниот период од пет години се очекува вкупно да бидат преработени 17 тони. Побарувачката за злато во земјата продолжува. Нема да навлегувам во детали, но знаеме дека перспективите се добри“, изјави Јилмаз.
Новиот рудник за злато во Агри се очекува да го зголеми производството на злато во Турција за 10 проценти. Златото што ќе биде произведено во него во следните пет години се проценува дека ќе има вредност од околу 2,2 милијарди долари.
Рудникот започна со работа на 16-ти јуни годинава, а првото злато од него беше излеано на 16-ти јули.
Во рудникот директно ќе работат 265 луѓе, а кога ќе достигне полн капацитет, бројот на вработени ќе се зголеми на 337. Околу 81 процент од работниците ќе бидат од локалното население, што, според турските власти, треба да придонесе и за економскиот развој на регионот.
Заедно со работниците ангажирани во логистиката и дополнителните активности, рудникот се очекува индиректно да обезбеди работа за околу 2.000 луѓе.
Турција годишно извезува 150 тони злато
Јилмаз изнесе и податоци според кои Турција годишно извезува околу 150 тони злато, од кои 30 тони се произведуваат во земјата.
„Доколку минатата година немавме извоз на злато, немаше да можеме да го покриеме дефицитот. По нафтата и енергијата, најголемото наше перо е извозот на злато. Над 150 тони годишно. Не мислам на накитот“, рече турскиот потпретседател.
Говорејќи за големите количества злато што ги поседуваат турските граѓани, Јилмаз изрази очекување поголем дел од тоа богатство да влезе во економскиот систем и да се претвори во инвестиции.
„Често велам дека нашиот народ има многу поголема резерва од резервите на нашата централна банка“, изјави тој.
Рудникот како дел од развојот на источна Турција
Отворањето на рудникот доаѓа во период кога Турција спроведува план за „Турција без тероризам“, кој предвидува разоружување и распуштање на Курдистанската работничка партија (ПКК), која Анкара и повеќе други држави ја сметаат за терористичка организација.
Агри, каде што се наоѓа рудникот, е во источниот дел на Турција, регион во кој живее значаен дел од курдското население.
Јилмаз оцени дека поради долгогодишниот конфликт економскиот потенцијал на источна Турција не бил целосно искористен и дека во регионот не биле реализирани доволно инвестиции.
„А кој ја плати цената за тоа? Луѓето. Особено младите, кои не можеа да најдат работа и се соочуваа со тешкотии. Денес атмосферата е сосема поинаква“, рече Јилмаз.
Според него, во минатото Турција претрпела загуби од околу 2,3 трилиони долари поради тероризмот и трошоците поврзани со безбедноста.
Тој додаде дека последиците се чувствувале и во земјоделството, сточарството и трговијата, додека недостигот од инвестиции спречил отворање нови работни места.
Затоа, според Јилмаз, од надминувањето на тероризмот најмногу ќе имаат корист, покрај сите турски граѓани, токму жителите на источниот дел од земјата.



