За да им го олесни контактот со клиентите и да им помогне на компаниите да се подготват за периодите со најголема потрошувачка, „Rakuten Viber“ воведе шест нови функции во рамки на „Viber Business Messages“.
Новите опции се насочени кон поедноставна комуникација со корисниците, но и кон тоа промотивните содржини да бидат повпечатливи и полесни за користење.
Нов формат на „Брзи одговори“
Функцијата „Брзи одговори“, претходно позната како „Листи“, им овозможува на компаниите да испраќаат пораки со однапред дефинирани опции. Корисникот со еден клик може да го избере посакуваниот одговор и да го продолжи разговорот.
Бројот на достапни опции е зголемен од пет на 10 одговори, а додадени се и два нови дизајни на интерфејсот.
Важна промена за компаниите е и тоа што пораките испратени во рок од 24 часа од барањето на корисникот отсега се бесплатни.
Дополнително, ограничувањето за должината на прашањето е зголемено на 1.000 знаци, без да се сметаат понудените одговори.
GIF-ови и нови формати на фотографии
Компаниите отсега можат во деловните пораки да испраќаат и анимирани GIF-ови, што може да им помогне полесно да го привлечат вниманието кон сезонските попусти и новите производи.
Покрај досегашниот квадратен формат 1:1, „Viber Business Messages“ сега поддржува и хоризонтален формат 16:9 и вертикален формат 9:16.
На тој начин брендовите полесно можат да ги искористат веќе подготвените фотографии и видеоматеријали од други платформи и социјални мрежи.
Различни линкови на една слика и „Tap & Copy“
Една од покорисните новини е можноста различни линкови да се поврзат со визуелниот материјал и со копчињата за повик на акција.
На пример, со клик на фотографијата корисникот може да биде однесен до деталниот опис на производот, додека копчето под фотографијата може директно да води кон страницата за плаќање.
Воведена е и функцијата „Tap & Copy“, односно „Допрете и копирајте“, која овозможува со еден допир да се копира одреден дел од текстот.
Ова е особено практично за промотивни кодови, ваучери, броеви на нарачки и кодови за следење на пратки.
Автоматски превод на деловните пораки
Бидејќи „Viber“ се користи во повеќе од 190 земји и поддржува 44 јазици, корисниците отсега можат автоматски да ги преведуваат деловните пораки директно во апликацијата.
Ова би требало да им овозможи на домашните компании полесно да комуницираат со клиенти и купувачи од странство, без дополнителна јазична бариера.
Од „Viber“ велат дека новите функции се дизајнирани да го скратат патот од комуникација до купување и да им помогнат на компаниите да остварат повеќе конверзии во периодите на најголема побарувачка.
За корисниците, целта е искуството да биде побрзо, поедноставно и попрактично.



