Македонското земјоделство влегува во непријатна математика. Трошоците за производство растат, додека цените по кои земјоделците ги продаваат своите производи одат во спротивна насока.
Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во јули 2026 година, во споредба со истиот месец лани, цените на инпутите во земјоделството се зголемени за 4,1 проценти, додека цените на аутпутот, односно земјоделското производство што се продава, се намалени за 5,5 проценти.
Со други зборови, земјоделецот во просек плаќа повеќе за да произведе, а за произведеното добива помалку.
И токму тука започнува проблемот.
Кај тековните средства и услуги што се користат во земјоделството растот на цените е 3,7 проценти, додека кај инвестициите во земјоделството поскапувањето е уште поголемо за 8,9 проценти на годишно ниво. Тоа се трошоци за механизација, опрема и други инвестиции без кои производството тешко може да стане попродуктивно.
На другата страна, кај растителното производство цените се намалени за 6,8 проценти, а кај сточарското производство за 0,2 проценти.
Ова е една од оние статистики што на хартија изгледаат како два обични индекси, но за производителот значат многу повеќе.
Ако за обработка на нива, гориво, ѓубрива, препарати, работна сила, механизација и транспорт се потребни сè повеќе пари, а откупната или продажната цена не го следи истиот тренд, маржата постепено се стеснува, а во одредени случаи може и целосно да исчезне.
Токму затоа често се слуша незадоволство од производителите дека проблемот не е само колку ќе роди нивата или колку килограми ќе се произведат, туку по која цена производот ќе може да се продаде кога ќе дојде време за откуп.
Еден добар род не мора автоматски да значи и добра заработка. Ако понудата е голема, откупната цена може да падне. Ако во меѓувреме трошоците за производство се зголемиле, земјоделецот може да произведе повеќе, а финансиски да помине полошо.
Особено интересно е што само еден месец претходно сликата била поинаква. Во јуни 2026 година, во однос на јуни 2025 година, цените на инпутите биле повисоки за 6,4 проценти, но и цените на аутпутот биле повисоки за 4,5 проценти. Во јули веќе имаме целосен пресврт кај продажните цени, поточно тие се во минус.
Тоа покажува колку брзо може да се промени економската позиција на земјоделецот.
Проблемот има и поширока димензија. Кога производството станува помалку исплатливо, дел од земјоделците го намалуваат вложувањето, одложуваат набавка на нова механизација или се откажуваат од одредени култури. На подолг рок тоа може да влијае и врз домашната понуда на храна.
Тогаш парадоксот станува уште поголем. Производителот може да се жали дека неговиот производ е евтин на откуп, додека потрошувачот во продавница истовремено да чувствува дека храната е скапа.
Причината е што меѓу нив има цел синџир, како што се откуп, транспорт, складирање, преработка, дистрибуција и трговија, и секоја фаза има свои трошоци и маржи.
Затоа падот на цената што ја добива производителот не мора автоматски да значи пониска цена на полицата.
И тука се отвора можеби најважното прашање за македонското земјоделство, колку долго може да функционира модел во кој производството поскапува, а цената што ја добива производителот паѓа?
Бидејќи ако таквата разлика продолжи, статистиката од неколку проценти многу брзо може да стане одлука на земјоделецот следната година едноставно да не засади ништо.
С.Б.



