ПочетнаЕКОНОМИЈАНивата плаче, тезгата печали: Овошјето и зеленчукот поскапуваат по пат

Нивата плаче, тезгата печали: Овошјето и зеленчукот поскапуваат по пат

Во Струмица килограм домати летово се откупуваше и за 15 денари. Неколку недели подоцна, истиот производ на големо во Скопје се движеше меѓу 35 и 50 денари за килограм, додека на зелените пазари и во продавниците крајната цена знае да оди уште нагоре. Не станува збор за ист ден, иста класа и ист производител, па бројките не можат едноставно да се споредат еден спрема еден. Но добро ја покажуваат старата мака на македонското земјоделство: од нивата до кесата на купувачот производот минува низ повеќе раце, а земјоделецот често останува со најтенкиот дел од цената.

Сликата годинава беше особено видлива во Струмичко. Производителите на домати во јули се пожалија дека откупната цена паднала на само 15 денари за килограм и дека со тие пари не можат да ги покријат вложувањата. Семе, расад, ѓубриво, заштитни средства, вода, гориво, работници, пластеници, амбалажа. Сметката се собира со месеци, а цената се дознава кога производот веќе мора да се бере.

Кај пиперката приказната беше слична. На почетокот на август за дел од ајварката наменета за преработувачката индустрија беа понудени 25 денари за килограм. Земјоделците излегоа на протест.

„Срамота е за 25 денари да се даде килограм пиперки“, порачаа земјоделците од Струмичко.

Нивната пресметка беше едноставна. Со таква цена, тврдеа, не останува простор ниту за покривање на производството, а камоли за заработка.

„Живееме на вересија“, беше една од пораките што можеше да се слушне од производителите.

По протестите беше постигнат договор за повисоки цени. Првата класа ајварка требаше да се откупува по 40 денари, пиперката за индустриски капацитети по 30 денари, а најниската класа по 15 денари за килограм. Само осум дена подоцна, на Кванташкиот пазар во Скопје ајварката се нудеше околу 50 денари за килограм, а другите видови пиперка од 40 до 70 денари, зависно од сортата и квалитетот.

Тука почнува прашањето што секое лето го поставуваат и земјоделците и купувачите: каде оди разликата?

Аграрните познавачи објаснуваат дека патот не е толку едноставен. Откупувачот собира стока од повеќе производители, следуваат сортирање, транспорт, амбалажа, растур, пазарни трошоци и продажба. Овошјето и зеленчукот се расиплива стока, па дел од производите воопшто не стигнуваат до купувачот. Секој во синџирот пресметува трошок и заработка. Колку повеќе посредници, толку подолг пат до тезгата.

Домашна економска анализа на движењето на цените на зелените пазари во периодот од 2012 до 2024 година покажува дека просечната малопродажна маржа изнесувала 37,7 проценти кај овошјето и 48,3 проценти кај зеленчукот. Истовремено, податоците покажуваат дека не може секое поскапување автоматски да им се припише на продавачите на мало. Во најголем дел од случаите растот на големопродажните цени не бил дополнително засилуван во малопродажбата.

Економистите затоа предупредуваат дека проблемот треба да се бара низ целиот синџир, особено меѓу производителот, откупниот пункт и големопродажбата. Во анализата се посочува дека вниманието треба да се насочи и кон „малопродажните маркети и откупните пунктови“, каде може да има поголема концентрација на пазарна моќ.

Дополнителен проблем е што голем дел од македонските производители настапуваат сами. Неколку тони домати или пиперки мора да се продадат брзо. Производот не може да чека подобра цена две недели. Трговецот, пак, може да собира стока од десетици ниви и да преговара со многу поголема количина.

И тука е целата сметка. Купувачот гледа скапа тезга, земјоделецот гледа евтин откуп. А меѓу нив има транспорт, трговија, загуби, маржи и неколку посредници. На крајот и едниот и другиот велат дека плаќаат премногу. Само од различна страна на тезгата.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП