Европската унија (ЕУ) треба до крајот на 2026 година да постигне договор за следната повеќегодишна финансиска рамка за периодот 2028–2034 година. Ова го посочува претседателот на Советот на ЕУ, Антониo Кошта, во напис објавен во неколку европски медиуми и на веб-страницата на Советот.
Објавувањето на написот е поврзано со најавената турнеја на Кошта низ земјите членки на Унијата, која ќе трае од 25-ти август до 17-ти септември 2026-та година. Во рамките на посетите тој ќе се сретне со европските лидери во нивните земји за да разговара за националните приоритети и за заедничките предизвици со кои се соочува ЕУ. Разговорите ќе бидат насочени кон зајакнување на соработката и утврдување на агендата на Унијата во следните месеци.
Ова е втора последователна турнеја на претседателот на Советот на ЕУ низ земјите членки, која тој планира да ја претвори во традиција. Неговиот актуелен мандат на чело на Советот, кој започна на 1-ви декември 2024-та година, истекува на крајот на мај 2027-ма година. Кошта може да биде реизбран за уште еден мандат од две и пол години, што потенцијално би значело дека би останал на функцијата до крајот на ноември 2029-та година.
Антонио Кошта постигнувањето договор за долгорочниот буџет го определува како најважно меѓу клучните одлуки што ЕУ треба да ги донесе до крајот на годината.
Според него, причината за рокот е потребата по постигнувањето политички договор да остане околу една година за усвојување на потребната законодавна и административна рамка, како во Брисел, така и во земјите членки на Унијата.
„Во спротивно, ризикуваме да го нарушиме финансирањето за земјоделците, бизнисите, студентите, истражувачите и иноваторите“, посочува претседателот на Советот на ЕУ.
Нови приоритети за буџетот
Според Кошта, буџетот на ЕУ ќе треба да продолжи да ги финансира традиционалните области, како земјоделството, регионите, научните истражувања и зелената и дигиталната транзиција.
Во исто време, финансиската рамка треба да ја одразува променетата средина и новите европски приоритети. Меѓу нив Кошта ги издвојува одбраната, безбедноста и конкурентноста.
Тоа значи дека преговорите за буџетот за периодот 2028–2034 година нема да се однесуваат само на висината на европските средства, туку и на нивната прераспределба меѓу приоритетите на ЕУ.
Претседателот на Советот на ЕУ ги нагласува и ограничувањата за зголемување на националните придонеси. Најголемиот дел од буџетот на ЕУ се финансира преку придонесите на земјите членки, кои, според него, треба да останат „во разумни граници“.
Затоа, таканаречените нови сопствени ресурси, односно нови извори на приходи во буџетот, ќе бидат суштински дел од идниот буџетски договор. Кошта ја определува потребата од „балансиран и амбициозен пакет“ на такви ресурси како еден од условите за постигнување целосен договор.
Европа треба да стане поконкурентна
Кошта ја става буџетската дебата во пошироката рамка на стремежот на ЕУ кон стратешка автономија. Според него, на Европа ѝ е потребна поконкурентна економија за да стане понезависна и поотпорна во променливата геополитичка средина.
Кошта става акцент на намалувањето на бирократијата, мобилизирањето приватни инвестиции за раст на бизнисите и воведување иновации, завршувањето на единствениот пазар, зајакнувањето на синџирите на снабдување и диверзификацијата на трговските односи.
Друг приоритет е обезбедувањето пристап до критични суровини, како и до достапна, чиста и произведена во Европа енергија.
Сите овие области се дел од договорената агенда на Советот на ЕУ „Една Европа, еден пазар“, која предвидува конкретни цели за реализација до крајот на 2027-ма година.
Од Европската комисија (ЕК) посочуваат дека патоказот за конкурентност опфаќа пет стратешки области за зајакнување на единствениот пазар. Целта е сите иницијативи од патоказот да бидат договорени до крајот на 2027-ма година. Меѓу нив се мерки за поедноставување на регулативите, интегрирање на пазарите на капитал, енергетска безбедност, развој на дигиталната економија и намалување на зависностите во синџирите на снабдување.
Нова рамка за европската одбрана
Другиот главен столб во стратегијата на Кошта е европската одбрана. ЕУ си постави цел до 2030-та година значително да ја зголеми воената подготвеност преку зајакнување на европската одбранбена индустрија, намалување на стратешките зависности и заеднички развој на приоритетните воени капацитети.
Кошта нагласува дека европското вооружување треба да се спроведува заеднички, со цел да се избегнат дуплирање и непотребно трошење на ресурсите.
Тој во написот посочува дека целта е зголемувањето на трошоците и производствениот капацитет во областа на одбраната да доведе до посилна колективна безбедност на Европа.
Како основа за потребата од зајакнување на европската одбрана, Кошта ја наведува продолжувањето на руската војна во Украина и потребата Европа да може подобро да ги одвраќа заканите и да ги заштитува своите граѓани.



