„WhatsApp“ воведува важна промена во начинот на кој функционира двостепената верификација на платформата. Корисниците сега имаат можност да постават посилна алфанумеричка лозинка како дополнителен слој на заштита, објави апликацијата за размена на пораки во своето најново ажурирање.
Станува збор за значително подобрување во однос на шестцифрените PIN-кодови што апликацијата ги користи за двостепена верификација уште од воведувањето на оваа функција во 2017-та година.
Сега лозинките за двостепена верификација мора да содржат најмалку осум знаци, вклучувајќи најмалку една бројка и една буква. Може да се користат и специјални знаци.
Функцијата и понатаму е опционална, но нема добра причина да ја прескокнете оваа дополнителна безбедносна мерка. „WhatsApp“ посочува дека доколку користите едноставен „PIN“, како „123456“, приоритет треба да ви биде да го замените со посилна лозинка.
Новина и за корисниците со повеќе уреди
Апликацијата исто така го олеснува управувањето со пристапните клучеви (passkeys) за корисниците кои „WhatsApp“ го користат на повеќе уреди.
Доколку користите „WhatsApp“ на „Android“ и на „iOS“ уреди, апликацијата сега поддржува повеќе пристапни клучеви на истиот профил.
Дополнителни пристапни клучеви може да се додадат преку поставките на апликацијата, со избирање на Account > Passkeys.
„WhatsApp“ ќе покажува повеќе информации за непознатите повици
„WhatsApp“ воведува и промена што треба да им помогне на корисниците полесно да препознаат дали повикот од непознат број е несакан повик или доаѓа од лице кое можеби го познаваат.
Апликацијата додава дополнителни информации за дојдовните повици од броеви кои не се зачувани во контактите.
Отсега кај таквите повици ќе може да се види од која земја доаѓаат, како и дали корисникот се наоѓа во некоја заедничка групна конверзација со лицето што повикува.
Од „Meta“ наведуваат дека промената може да помогне во полесното препознавање на потенцијални измамници.
Засега оваа функција е достапна само на „Android“ уреди.



