ПочетнаЗДРАВЈЕСакате подобар крвен притисок? Избегнувајте ги овие пет секојдневни навики

Сакате подобар крвен притисок? Избегнувајте ги овие пет секојдневни навики

Високиот крвен притисок е многу честа состојба која може да го зголеми ризикот од сериозни здравствени проблеми, вклучително и срцев и мозочен удар. Бидејќи во повеќето случаи нема изразени симптоми, многу луѓе не се ни свесни дека го имаат.

Лекарот д-р Амир Кан истакнува дека врз крвниот притисок можат да влијаат и некои сосема вообичаени секојдневни навики. Tој издвоил пет работи кои можат да го зголемат крвниот притисок и објаснил зошто се важни за здравјето на срцето.

Стрес

Првата ставка на неговата листа е стресот.

„Кога сме под стрес, телото ослободува хормони како адреналин и кортизол. Тие го забрзуваат срцевиот ритам и ги стеснуваат крвните садови“, објаснил д-р Кан.

Тој додава дека ваквата реакција на организмот, позната како „бори се или бегај“, е нормална доколку трае неколку минути, но предупредува:

„Ако сме постојано под стрес, притисокот останува покачен“.

Недостиг од сон

На крвниот притисок може да влијае и недоволно квалитетниот сон.

„Лошиот сон значи дека телото не поминува низ ноќниот процес на обновување“, вели д-р Кан.

„Хормоните на стресот остануваат покачени во текот на денот, а крвниот притисок не се намалува во текот на ноќта како што би требало. Со текот на времето, тоа може да доведе до хронично висок крвен притисок“, додава тој.

Премногу кофеин

Кофеинот исто така може привремено да го зголеми крвниот притисок.

„Кофеинот блокира хемикалија која помага во опуштањето на крвните садови, поради што тие остануваат стеснети“, објаснува лекарот.

„Ако сте чувствителни на кофеин, дури и една посилна шолја може привремено да ви го зголеми крвниот притисок“, напоменува тој.

Лекови без рецепт

Д-р Кан предупредува и на деконгестивите, односно лековите за затнат нос, кои делуваат така што ги стеснуваат крвните садови во носот, но можат да ги стеснат крвните садови и во другите делови од телото.

„Ако имате висок крвен притисок, секогаш проверувајте ја декларацијата. Искрено, нема ниту многу докази дека овие лекови воопшто делуваат“, појаснил тој.

Долготрајно седење

Последната навика на листата е долготрајното седење без движење.

„Кога со часови седите без да се движите, протокот на крв се забавува, а крвните садови можат да станат покрути“, тврди д-р Кан.

Тој додава дека дури и кратки паузи за прошетка или истегнување можат да им помогнат на крвните садови да останат флексибилни и да придонесат за одржување на крвниот притисок под контрола.

„Ако крвниот притисок ви расте, размислете за овие пет секојдневни навики. Неколку мали промени можат да направат голема разлика за здравјето на вашето срце“, заклучил д-р Кан.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП